Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на реката Черава која извира во Република Албанија и се влева во Охридското Езеро на македонска страна. Поплавени се куќи и дворови во близина на езерото во селото Љубаништа.

Вакво нешто не се памти од поплавите во 1962 година. Голема среќа е што Езерото не е на максимум и може да апсорбира вода, во спротивно штетите ќе беа уште поголеми, велат мештаните.

Дождот предизвика проблеми и во повеќе населби во Охрид. Пријави за поплавени дворови и куќи има на улица „Железничка“, „Прилепска“ и други.

Според најавите на метеоролозите, интензивни врнежи од дожд се очекуваат и во текот на денешниот ден и во сабота. Во недела на повисоките места врнежите од дожд ќе преминат во снег, а температурите значително ќе опаднат.

Г.М.