Видеото „Naten e mire/Добра Ноќ“ на бендот Elita 5, во продукција на „Sustain Production“ од Охрид, ја освои најпрестижната награда на фестивалот „Netet e Klipit Shqiptar 2025“, што се одржа на 20 мај во Националната опера и балет во Тирана.
Спотот победи во сите категории – режија, камера, приказна, продукција, графика, монтажа, интерпретација и најдобро видео со сите компоненти – со што ги донесе дома вкупно 8 статуетки.
Овој гламурозен фестивал за визуелна продукција на музички видеа, со црвен тепих, сјај и уметност, е единствениот ваков фестивал во регионот што од 2002 година ги обединува најдобрите продукции од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора.
Чест и привилегија е да се биде дел од овој спектакуларен настан, вели охриѓанецот Даниел Јовески кој стои зад најдобриот спот во регионот што го реализираше неговата „Sustain Production“.
Даниел повеќе од деценија успешно соработува со Елита 5, кој важи за еден од најголемите бендови на овие простори. Основани во далечната 1988 година, тие успешно функционираат 36 години без прекин, носејќи им го својот уникатен рок звук на своите фанови. Нивната посветеност и креативност ги прават вистински легенди на албанската музичка сцена и меѓу најголемите рок групи на Балканот.
Победничкиот спот на охриѓанецот Даниел Јовески кој освои 8 статуетки на регионалниот фестивал во Тирана
Во 2014 година заедно со Elita 5 го креиравме клипот за песната „Me Fal“ кој го означи врвот на успехот во мојата работа во видео продукција. Со овој клип освоивме многу врвни успеси и престижни награди. Во 2021 година следеше видео спотот за песната „Lamtumire“, кој исто така освои многу престижни награди. Оваа 2024 година пред месец дена јубилејно промовиравме нов видео клип за песната „Naten e mire“. Многу сум горд и среќен за нашата успешна соработка и им благодарам за довербата, вели Даниел Јовески.
Г.М.