Активисти на граѓанската иницијатива „Доста е“ со герила акција симболично ја затворија дивата депонија во непосредна близина на Струга која со години го загадува градот.
-Честито затворање и никогаш повеќе да не се отвори! – порачаа активистите на „Доста е“.
Герила акцијата на монитори ја следеа граѓаните на Струга во центарот на градот каде попладнево се одржа уште еден протест на кој беше побарано итна дислокација на депонијата.
-Општина Струга складира околу 130000 метри кубни отпад на годишно ниво. Ако дозволиме и натаму да се одлага отпад повторно за два три месеци ќе се соочиме со истиот проблем кој со грдни маки успеавмме да го решиме.– изјави Глигор Ќатоски од граѓанската иницијатива „Доста е“.
Стружани бараат експерти во рок од 15 дена да определат нова локација за депонија која ќе има минимум влијание врз животната средина и да отпочне процес за изградба на регионална депонија.
-Република Македонија има 54 депонии, од коишто 16 се со висок ризик на штета, струшката е една од нив. Во превод тоа значи дека таа врши здравствен, еколошки и економси штетен ефект врз целиот регион. – изјави Валентина Јовановска Филипова – инженер за заштита на животна средина.
Доколку не им бидат исполнети барањата граѓаните на Струга најавија дека ќе ги радикализираат протестите.
Г.М.