Петти „Summer Comedy Marathon“ од 22 јули до 13 август ќе се одржи во Охрид. Во програмата годинава се 21 шоу од кои дел се веќе познати на публиката, стандардни, но во обновена форма. Публиката ќе може да ужива во квалитетна понуда со домашни локални изведувачи, но и со гости од надвор.
Маратонот започнува на 22 јули со шоуто кое и е доста познато на охридската и пошироката публика „Импровокација“. Публиката ќе има можност понатаму да го погледне и шоуто „2mothers brothers“, како и премиерна изведба на новото шоу на Тино и Атанас насловено „Трансакциона анализа“.
Чест и задоволство ми е да најавам шоу и на локалната сцена „Comedy Jam“, како и „Crn humor“ и „Roast“ со екипата која започна од самото оформување на „Summer Comedy Marathon“. Имаме гостин и од Куманово и доста голем број на женски артисти, Надица Петрова и Ангела Стојановска, како и гостинки од Мексико и Америка. На 27 јули во копродукција со OhridNews го организираме шоуто „The best od Balkan“ во кое имаме четворица гости тројца од Србија и еден од Црна Гора, Александар Перишиќ, Срџан Олман, Никола Силиќ и Андрија Дабановиќ, каде ќе настапувам и јас. Се обидовме да понудиме малку да се прошири фестивалот пошироко на Балканските простори. Мислам дека ќе биде извонредна вечер во еден неверојатен амбиент на сцената на Долни Сарај. Со особено задоволство го најавувам и шоуто на мојот личен пријател и соработник од Грција со интернационална кариера кој ќе внесе една свежина во ова издание на маратонот, вели Никола Тодороски, дел од организаторите и учесници на маратонот.
Се трудиме, додава Тодороски, секоја година програмата да биде што побогата и поинтересна, а фестивалот да добива сериозен интернационален карактер.
Новина е што првпат годинава шоута ќе бидат изведени на четири сцени и тоа покрај во Џез Ин и на сцените на Народен театар Охрид, Долни Сарај и дискотеката Ребел. Новина е и нашиот нов сајт кој го лансиравме пред некое време www.hahaha.mk каде ќе може нашата публика да ги купува картите онлајн, а карти може да се резервираат и на телефонскиот број 075 283 066. Тоа што сме вмрежани во доста асоцијации е добро и за туристичката понуда на Охрид, зошто и многу стенд ап комичари дознаваат за Охрид преку маратонот, вели Филип Ангеличин Жура, дел од организаторите.
Дел од екипата на локални изведувачи кои ќе настапат во рамки на програмата на маратонот на комедијата горди се што се дел од истиот веќе петта година по ред.
- Мило ми е што сум дел од ова екипата веќе пет години. Задоволен и среќен сум што од година во година се гледа како нивоата се подигнуваат на оваа манифестација особено оваа година. И од година во година ентузијазмот се зголемува. Ова е најголем предизвик кој кога ќе се исполни дава најголема сатисфакција, вели Јован Цветкоски.
- Благодарност до публиката што не гледа, следи, гледа како растеме и сфаќа дека тоа што го правиме ние не е воопшто лесно, напротив многу е тешко. Многу сум горд на „Summer Comedy Marathon“ зошто сум дел од самиот почеток. Имаме направено многу убави настани и дури и короната не не задржа во таа кобна година. Се надевам дека ќе одиме уште погоре и ќе имаме уште поголема публика, уште позвучни имиња ќе ни дојдат на гости и ќе направиме овој град да живее со комедијата заедно, вели Зоки Донев.
- Чест ми е да ја делам сцената со имиња од Македонија и пошироко. Публиката е многу интересен момент бидејќи го препознава континуирано овој маратон. Интересно е како се зголемува бројот на посетители, како раснеме ние, притисокот каков е да се бориш да бидеш на сцена, вели Никола Силјаноски.
Во однос на посетеност и интересот на публиката за следење на шоута од „Summer Comedy Marathon“ изминативе години, Тодороски вели „публиката не е нешто стандардно тоа е нешто што се менува со текот на времето“.
Комуникацијата е взаемна. Како артисти ние треба да и дадеме предизвик на публиката да погледне нови нешта кои можеби не ги перцепирале, не им биле во нивниот светоглед. Но, треба да се следи, особено кога станува збор за комедија која нема како да не биде искрена. Ние се занимаваме со еден жанр кој мислам дека е потценет за жал, но еден од најискрените нешта. Средбата е тет-а-тет дирекна комуникација со публиката. Локалната публика не знае години нананзад веќе, но од година во година факт е дека имаме и доста странци кои го посетуваат нашиот град и се трудиме да има што повеќе шоуа и на англиски јазик. Ова во моментов тука е само еден мал процент од една огромна екипа која го прави овој маратон да биде реалност. Се надевам дека следната година ќе добиеме поддршка од повеќе поддржувачи да можеме да поканиме повеќе луѓе и да е пошарена понудата, додава Тодороски.
„Summer Comedy Marathon“ е помогнат од Општина Охрид, OhridNews, PE Logistic, Lounge Bar NOA, Летна Бавча Канео, Гостилница Боем, SUP Club Ohrid и Rogue Brush.
Н.С.Ј.
видео/фото Б. Стојаноски