Утревечер на Античкиот театар уникатно и совршено сценско доживување ќе приреди светски познатиот холивудски глумец, режисер и продуцент Џон Малкович со „Пеколна комедија: Исповед на серискиот убиец“. Уметник кој со својата големина ја збогатува фестивалската историја на „Охридско лето“ и за првпат настапува во Македонија.
Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“, рече директор НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Актерот со проектот „Вечер на Џон Малкович“ оценет како најексклузивен настан на „Охридско лето“ предизвика огормен интерес кај публиката. За овој настан се направени бројни резервации од целиот регион, но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и многу други земји. Претставата ќе се изведува пред над две илјади гледачи, истакна Поповиќ, оценувајќи го како настан кој предизвикал голем интерес по настапот на отворањето на светската оперска дива Ангела Георгиу.
Министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска истакна дека честа е огромна што почитуваниот Џон Малковиќ, добро познато име на светската публика, ќе ја испише фестивалската историја на најголемите звезди кои заблескале на „Охридско лето“.
Со својата драмска уметничка вредност прикажана во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповед на серискиот убиец“ во режија на Михаел Штурмингер ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно-сценска манифестација. Со богатото искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на „Охридско лето“ и нашата држава. Да го имаме Џон Малкович е вистинска реткост. Поврзувајќи ги класичната музика и глумата славниот холивудски актер утревечер ќе настапи во придужба на оркестарот на „Виенската академија“. Ова гостување на светски реномираниот актер Малкович е гест кој силно го обележува годинешното „Охридско лето“ и на македонската јавност и на гостите во Охрид им нуди ретка можност да го проследат настапот на еден од водечките актери со многубројни остварени улоги и две номинации за оскар, додаде Костадинова – Стојчевска.
Селекторката на драмскиот дел Сања Арсовска потенцираше дека станува збор за претстава која својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивности, комедијата и психолошката драма.
Од една страна серискиот убиец Џек Унтервегер со лесна духовитост и луцидност ги нижи настаните од својот живот и ја лови на еден начин публиката во една мрежа од ироничен хумор. И додека публиката мисли дека е заловена во една таква комична атмосфера на сцената започнува еден вистински пекол придружен со оркестар и силни сопрани и Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе кои ја опседнуваат сцената. Таа прониклива игра помеѓу комедија и пекол провејува низ целата претстава. За сите тие силни чувства кои ги предизвикува претставата е задолжен Џон Малкович, еден од најголемите и најбрилијантни актери на сите времиња, рече Арсовска.
Актерот Џон Малкович, кој својата уметничка кариера токму и ја започна во театарот, појасни дека оваа претставата првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти истата е видоизменета, пред се поради органиченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.
Делото минатата година го освеживме, лично за мене се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето. Насилството како тема третирана во самата претстава постојано е актуелна затоа што насилството е секогаш меѓу луѓето, за жал така и ќе биде. Во својата основа ова дело поврзува две дијаметрално спротивставени погледи. Едниот е општествениот став заснован главно врз идејата за покајување, а од другата страна идејата за заштита на луѓето, особено на оној дел од популацијата што е ранлив на каква било форма на насилство. Двете тие идеи презентирани во претставата се во постојан конфликт, рече актерот.
За претставата рече дека е своевидно предупредување, дека одредени одлуки можат да донесат непредвидливи последици.
Одлуката за помилување може да биде политичка грешка. Од друга страна, сметам дека на секој човек треба да му се даде шанса за покајување. А помилувањето и покајувањето како концепти се постојано спротивставени. Во овој случај лошо проценетите одлуки резултираат со насилство… вели тој.
Малкович за Охрид и Македонија нагласи дека се прекрасни од она што можел да го види досега. Наведе дека повеќепати бил во регионот и во државите на поранешната југословенска заедница, но оти ова му е првпат во Охрид. Неговите барања се доста скромни, она што е познато е дека побарал да го види манастирот „Свети Наум“, што ќе му биде исполнето веќе денеска.
Инаку, Малкович најпрво се прославил на театарската сцена, а во 1999 година се игра себеси во филмот „Да се биде Џон Малкович“. Во својата кариера, тој имал две номинации за наградата „Оскар“, и тоа за улогите во филмовите „Места во срцето“ и „На линијата на огнот“ како и номинации за награда од Британската филмска академија и три номинации за наградата Златен глобус. Има настапувано во повеќе од 70 филмови.
Н.С.Ј.
видео/фото Б. Стојаноски