Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со голем митинг на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во Охрид ја започна предизборната кампања за претстојните претседателски и локални избори закажани за 22 март.


Слоганот „Заедно можеме повеќе“ не е само празна фраза, туку слоган со голема специфична тежина истакна во обраќањето пред илјадниците симпатизери кандидатот на Коалицијата за градоначалник на Охрид, Кирил Трендафилов – Нанче.


Нашите политички противници не се наши непријатели, туку противници кои ќе ги победиме на избори. А со квалитетни кадри, советници, градоначалник, заедно со Владата на РМ, ќе обезбедиме подобра иднина за своите деца, рече меѓу другото Трендафилов. Тој најави дека привлекувањето странски инвестиции и развојот на Охрид ќе бидат негов приоритет доколку ја добие поддршката од охриѓани. Тој додаде дека заедно со Владата ќе работи на реализација на капиталните проекти како што се олимпискиот базен и марината во Охрид, и редица други комунални и инфрастурктурни проекти, кои како што рече, останаа нереализирани поради неподготвеноста на досегашната Локална самоуправа.


Кирил Трендафилов – Нанче

На митингот во Охрид на кој присуствуваа  граѓани од сите краишта на земјата се обрати и кандидатот за претседател на државата, Ѓорѓе Иванв, кој повика на единство и сплотеност.


На Македонија и е доста од поделби, Македонија сака соработка, Македонија конечно станува единствена. Единството не е опасност како што некој сака да го прикаже, единството е моја лична заложба и мисија, моја цел е да го спроведам во секој сегмент на македонското општество, порача Иванов.Тој најави дека доколку стане претседател, ќе ја поведе Македонија кон Европа и ќе работи на решавање на отворените проблеми со соседите.


Ѓорѓе Иванов

Френетично поздравен, на митингот говореше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, која искажа увереност во победата на претседателските избори, како и на локалните избори во Охрид.


Охрид е многу повеќе од обичен град. Охрид не смее да си дозволи градоначалник кој не ги исполнува ветувањата, човек кој во секој метар квадратен во Охрид гледа бизнис и лична заработка, градоначалник кој ги полни канцелариите на администрацијата со партиски кадри, рече Груевски, нагласувајќи дека на Охрид му е потребен нов човек, кој држи до зборот и кој ќе работи одговорно.


Никола Груевски

На митингот Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ ги претстави кандидатите за градоначалници и носителите на советнички листи со кои ќе настапи на претстојните избори.


ОHRIDNEWS