Квалитетот на водата во Охридското Езеро е од прва класа хемиски и одлична микробиолошки и може да се користат за капење, спорт и рекреација, покажуваат анализите на Центарот за јавно здравје – Охрид по земени мостри од повеќе локации.

Директорот на Центарот за јавно здравје Сашо Точков на денешната прес-конференција информираше дека испитувањата се правени на крајот од мај и почетокот на јуни, со земени мостри од повеќе места на потегот од Свети Наум до селото Радожда, а опфатен е и квалитетот на водата во Црн Дрим и во Дебарското Езеро.

Земени се примероци на 25 и 29 мај и на 8 јуни, Вршени се комплетни физичко – хемиски и микробиолошки анализи. Во најголем број случаи квалитетот на водата во Охридското Езеро е од прва класа хемиски и одлична микробиолошки. Во примероци од струшкиот дел, околу капалиштата во градското јадро има две капалишта кои се втора класа и микробиолошки се добри и согласно законската регулатива сите тие води од прва и втора класа во Охридско Езеро може да  се користат за капење, спорт и рекреација, вели Точков.

Тоа што загрижува и е сигнификантно во охриудскиот дел тоа е делот кај т.н. едриличарски клуб,  на вливот на каналот Студенчишта во езерото.

Загрижувачки е што има цевка која се влива и тука водата е со класа пет, односно не задоволителна микробиолошки, што значи дека таа вода директно го загадува каналот Суденчишта, а со тоа и Охридското Езеро. За среќа загадување не се покажува, бидеќи моќта на самопрочистување на Охридското Езеро, е многу голема, вели Точков.

Карактеристично е, додава, во делот кај Грашница, кај Градска плажа сега водите се со прва класа и микробиолошки одлични.

Оние зафати кои беа правени се надевам дека даваат резултати. Но, ќе видиме во текот на туристичката сезона кога ќе имаме поголемо користење од домаќинствата и туристичките капацитети. Се надевам нема да се одрази на квалитетот на водата во Охридското Езеро, истакна Точков.

Поради зголемениот број на гости на охридско-струшкото крајбрежје во јули и август и оптеретување на колекторскиот систем очекува квалитетот на водата да претрпи одредена деградација, но се надева дека нема да биде надвор од рамките да може да се користи за капење, спорт и рекреација.

Температурата на водата во Охридското Езеро е околу 20 степени, што е невообичаено за овој период од годината. Карактеристично за јуни е цветањето на алгите на крајбрежјето посебно кај пристаништето и покрај кејот што дава лоша слика и лош мирис, но тоа не е штетно по здравјето на луѓето ниту по екосистемот во езерото. Водата во Охридското Езеро од македонска страна, генерално, е од прва класа и може да се користи за капење, спорт и рекреација, додава Точков.

Н.С.Ј.

Видео. Б. Стојаноски