Многу забава, дружење, спорт, совети и награди на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ која ќе се реализира во недела, 24 септември.

Овој настан кој е со широко општествено значење, ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштад „Чинар“, а цел на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди, рече на денешната прес конференција претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Веќе некои акции има за деца на кои им се потребни средства, така да со овие средства ќе ги надополниме и тие фондови, вели Точков.

Секој кој ќе купи учеснички број, додава Точков, ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, тенис, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди -четиридневен престој во Суботица, тридневен престој на Златибор, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др. кои ќе бидат извлекувани во живо во втората половина на октомври.

Интересот за акцијата се зголемува од година во година и кај родителите, но и кај децата да бидат дел од истата. Имаме одлична соработка и добар одзив и од ученците и од наставниците, менаџерскиот тим и им благодарам на поддршката која ја даваат. Сакам да потенцирам да бидат сигурни дека средствата кои ќе се собрани ќе одат на вистинско место, но и битно е дека децата ќе бидат на некој начин мотивирани за бавење со спорт и здрави животни навики, а се развива и хуманиот аспект, потенцира Точков.

И во оваа акција традиционален партнер е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Ќе имаме катче од забавен карактер, здравствено катче каде ќе делиме корисни совети, секој од присутните ќе може да добие совет за забите, за хигиената, здравствените навики. Имаме многу забавни содржини од аспект на дружење и многу подароци. Учествуваме во многу хуманитарни акции и доколку има потреба некој секогаш сме тука да одговориме, вели д-р Владимир Новакоски.

Потенцира дека грижата за оралното здравје кај децата е на еден многу повисок степен со што се повеќе дечиња имат здрави заби.

Н.С.Ј.

видео. Б. Стојаноски