Клупскиот фудбал со неколку интересни дерби пресметки ќе се врати на сцената после двонеделната пауза поради репрезентативните обврски.

Богатиот викенд на клупски фудбал ќе го отворат лутите ривали од Премиер лигата, Ливерпул и Манчестер Јунајтед кои ќе ги одмерат силите на Енфилд во сабота во 13:30 часот. Без разлика што има и други клубови на исто ниво во Премиер лигата, се уште ова дерби е најголемо во англискиот фудбал и тие со право го нарекуваат дерби без рок на траење.

Саботните пресметки во италијанската Серија А помеѓу Рома – Наполи и Јувентус – Лацио ќе бидат најава за спектаклот кој ќе биде на програмата в недела во Милано. Градот за момент ќе престане да дише и ќе биде насочен кон стадионот Џузепе Меаца на кој ќе се сретнат Интер и Милан. „Нероазурите“ и „росонерите“ од сезонава најавуваат „будење“ и вмешување во трката за титулата, а градското дерби е еден вид на генерална проба.

Атлетико Мадрид е единствената екипа во Шпанија што успеа да ги симне Барселона и Реал Мадрид од тронот. Затоа гостувањата во „црвено белата“ страна во Мадрид се секогаш незгодни за двата гиганти. Овој пат на новиот Ванда Метрополитано стадион ќе допатува непогрешливата Барселона која 100% скор по седум натпревари. Сепак, натпреварите во Мадрид изобилуваат со жестоки дуели и позицијата на табелата не игра никаква улога.

Помеѓу овие дерби средби вреди да се напомене и дербито во македонскиот фудбал. Лидерот на табелата Шкендија ќе се сретне со актуелниот шампион во Првата лига, Вардар во сабота во 14:30 часот. Многу работи во понатамошните натпревари зависат од овој резултат, затоа ова дерби ќе биде со посебен набој и притисок.

Се што ви останува добро да се подготвите и да уживате во најдобрата споредна работа во светот, фудбалот !

OhridNews