Продолжува програмата од четвртиот маратон на комедијата кој ќе трае до 14-ти август. Викендов  љубителите на добриот хумор ќе можат да уживаат во настапите на Влад Илич, Ненад Шиља Стефановски и Никола Силиќ.

Утре пред публиката врвната ѕвезда во најава на комедијата Влад Илич со претставата „МОЕТО ИМЕ Е ИМИГРАНТ“, која ќе биде на англиски јазик. Неговата комедија допира точки како што се имиграцијата, секојдневниот живот во Велика Британија и неговите културни и лични набљудувања живеејќи во Лондон. Тој е и многу пристоен мијач на автомобили. Влад се појави на BBC Radio 4 Extra и BBC Three. Како актер, тренирал во Малта, Шкотска и САД. По актерските студии на Малта, се сели во Лондон, каде во сериозна конкуренција ги освојува наградите „Stand Up Club’s New Comic of the Year“ и „Max Turner Prize“ на Comedy Virgins и влегува во елитата на лондонски комичари.

Во сабота вечер шоуто на Никола Силиќ на српски јазик. Ретка можност да го гледате во живо еден од најдобрите стендап комичари на просторите на бивша Југославија. Никола Силиќ е стендап-комичар и голем обожавател на Лорем Ипсум, кој често се користи во печатот наместо вистински текст за да се види како страницата изгледа исполнета.

Понекогаш наместо тоа се вметнуваат познати факти како „дали знаевте дека бил Наполеон“ и „тревата е секогаш зелена каде што умрела кравата на соседот“! Насликал платно, му дале награда. Направил фотографијата во Фотошоп, му дале награда. Направил анимиран филм, му дале награда. Смислил оглас, му дале награда. Но, тој најмногу се гордее со својата скромност. Тежи 100+ кила, што звучи многу полошо кога се вели дека е 0,1 тон. Едноставно доаѓа генијалецот на стендапот.

Во недела публиката ќе може да ужива во шоуто на Ненад Шиља Стефановски, на српски јазик. Стефановски по потекло горд Македонец, така и се потпишува. Сепак, во далечната 1999 фаќа пат накај Германија, но како среќа во несреќа (или обратно), застанува во Белград за да ја види куќата на Цеца и еве веќе 20 години како е заглавен таму. Притоа успева да го направи скоро невозможното – да направи успешна кариера како стендап-комичар со повеќе од 500 настапи во изминатите 6 години! Да, тоа е околу 80-90 настапи годишно, ние ја направивме математиката за Вас. Ненад конечно реши да се врати дома и да го направи она што до сега не смеел, да настапи пред поблиската фамилија, комшиите и актуелното гласачко тело.

Сите шоуа започнуваат во 20:00 часот, а локација на која ќе се одржат  е познатиот клуб Џез Ин.

OhridNews