На 8-ми и 9-ти јуни во храмот „Свети Атанасиј“ во село Вишни (Струшки Регион) и во храмот „Света Софија“ во Охрид, ќе се случи свечениот чин на канонизација на новите македонски светци Спаса и Спасе Вишенски. Настанот претставува крунисување или завршување на еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на светата Спаса, со што почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не може да се раскаже без свети Спасе.

Следниот ден, на Литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на помесната Црква, ќе биде објавена одлуката за впишувањето во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
Житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознезението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш. Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен. Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија, и тоа го правеле на свиреп и страшен начин. Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани. Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако истото било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир.
Но, набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица. Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани. Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на освојувачите, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи ја христијанската вера. Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение.
Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени. Споменот на Спасе и Спаса е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден – објаснува ставрофор Александар Димоски, парох Струшки.

OhridNews













