Музичките ѕвезди Викторија Лоба и Боби Мојсовски, ансамблот „Билјана Јуниор“ и групата „Компас бенд“ ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за дочекoт на Новата 2016-та година во Охрид.
Градоначалникот Никола Бакрачески се надева дека плоштадот ќе биде исполнет за новогодишната ноќ и дека ќе има одлична празнична забава.
-Очекуваме преполн плоштад на самиот дочек, но и според најавите на туристичките агенции, хотелитерите како и од приватните станоиздавачи, очекуваме Охрид и оваа година да биде препон со гости за новогодишните празници. Најголем број од нив ќе бидат од Република Македонија но и од соседните држави пред се од Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија. Најавено е и присуство на гости од Полска и Турција, рече градоначалникот .
Тој нагласи дека новогодишните и божиќните празници ќе бидат продолжение на годинешната успешна туристичка сезона.
-Се надеваме дека новогодишните празници ќе бидат еден финален дел, ќе ја комплетираат сликата на успешната сезона која што ја имавме оваа година, која бележи растечки тренд во однос на минатите години. Според податоците кои се уште се обработуваат а за кои наредниов период повторно ќе излеземе со детали пред медиумите, има пораст во бројот на гости за 11% споредено со минатата година и пораст на остварените ноќевања за околу 7,6% во однос на лани, подвлече Бакрачески.
Градоначалникот информираше дека за украсување на Охрид годинава ќе бидат потрошени околу еден 1 милион и 180 илјади денари, а за дочекот на новата година, со целокупната програма вклучувајќи ги и естрадните уметници ќе се потрошат уште дополнителни 700 илјади денари.
Инаку во Охрид во тек е дванаесетдневната предновогодишната програма на која учествуваат ученици од основните и средни училишта, најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“, учесниците од детскиот музички фестивал „Распеано Рибарче“, членовите од фестивалот „Распеани ѓерданчиња“, танцови клубови, културно-уметнички друштва, и талентирани поединци.
Во рамки на програмата вчеравечер пред бројната публика на плоштадот настапија учениците од основните училишта и од танцовиот клуб „Соната“.
OhridNews
Фото : Емилио