Вечерва во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“ концерт на црногорскиот виолинист Роман Симовиќ.

Како солист, Роман настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија. Со диригентите: Валери Георгиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреа Носеда, Кристијан Јерви, Јиржи Белохлавек, Пабло Херас Касадо, Николај Знаидер, Томас Сондергард… Во сезоната 2022/23 Роман ќе настапи со Симфонискиот оркестар во Квебек, Националниот Радио оркестар во Шпанија, Загрепската филхармонија, ќе свири и ќе го предводи оркестарот во Астуриас, ќе настапи и во Брауншвајг и ќе биде солист на турнејата на Лондонскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Сер Сајмон Ратл свирејќи го ретко изведуваниот Концерт за виолина и оркестар од Миклош Рожа.
Роман Симовиќ настапува на многу реномирани фестивали како што се: „Вербие“, „Бели Ноќи“ (Санкт Петербург), „Транс-сибирскиот фестивал“ на Вадим Репин, „Велигденскиот фестивал“, Летниот фестивал во Дубровник, „Котор Арт“ во Црна Гора, БЕМУС и НОМУС во Србија, „Сион-Вале“ во Швајцарија, фестивалот во Берген, „Московски ноќи“, фестивалите во Италија и Шпанија на кои соработува со врвни музички ѕвезди на денешницата: Леонидас Кавакос, Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Франсоа Лелу, Итамар Голан, Симон Трпчески, Џанин Јенсен, Јулијан Рахлин, Вадим Репин, Евгениј Кисин, Антоан Таместит, Антонио Менезес, Николај Лугански и др.
Роман е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија, Србија, Црна Гора, Израел како и на Фестивалот во Вербие, таму често настапува како солист со оркестар, камерен музичар или со рецитал.
Има издадено бројни ЦД-а, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСО-лајв, како и неговото ЦД со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина. Во јуни 2022 година, Роман Симовиќ го сними за ЛСО лајв Концертот за виолина и оркестар од Миклош Рожа под диригентско водство на Сајмон Ратл.
Роман е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.
Вечерашниот концерт ќе се одржи во црква Св. Софија со почеток во 21 часот.
OhridNews










