– Особено ми е драго што оваа година, ценетата публика во Охрид ќе ја има исклучителната можност повторно да го слушне миленикот не само на светската туку и на нашата македонска публика, Борис Березовски, кој со својот настап на фестивалот пред две години остави длабока трага во историјата на „Охридско лето“ Тој е уметник со исклучително ветување, пијанист со занемувачка виртуозност и исклучителна моќ и еден од водечките пијанисти на денешницата – вели Гордана Јосифова- Неделковска, музички селектор на фестивалот.
Редовните настапи како солист со светски познатите оркестри како Њујоршкиот филхармониски оркестар, Оркестарот од Филаделфија, Данскиот национален радио симфониски оркестар, Новата јапонска филхармонија, се само дел од опусот на работата на овој виртуоз на пијано. Тој е основач и организатор на меѓународниот фестивал Медтнер, организиран во чест на славниот композитор Николаи Медтнер, а истовремено важи за еден од најдобрите современи интерпретатори на музиката на овој композитор.
По неговото деби во Лондонскиот „Вигмор Хол“ во 1988, весникот „Тајмс“ го опишува како исклучителен уметник и пијанист со огромно ветување. По две години го исполни ветувањето со освојување на златниот медал на конкурсот „Чајковски“ во Москва.
Како камерен музичар Борис Березовски постојано соработува со: Вадим Репин, Брижит Енжерер, Дмитри Мактин, Александар Књазев, а настапува и со други истакнати уметници: Јулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшчиков. Аудио записите на Березовски, покрај голем број врвни дела од пијанистичката литература, ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен заедно со Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со Дмитри Лис и сите трансцендентални етиди на Франц Лист.
Концертот на Борис Березовски, за кој како што јавуваат од „Охридско лето“ има голема заинтересираност од публиката, ќе се одржи вечерва во црквата Св. Софија со почеток во 21 часот.