Во тек се интензивни контроли кои се спроведуваат од страна на Државниот санитарен инспекторат во фирмите во кои има повеќе од 100 вработени и кои согласно законот за здравствена заштита мора да поседуваат дефибрилатори, познати како апарати за електрошокови. Според Законот, пет вработени од секоја компанија би требало да ракуваат со ваквите апарати, во спротивно следуваат високи казни.
Иако фирмите имаа повеќе од една година за да ги набават апаратите и извршат обука на вработените, мал број од охридските фирми ја имаат исполнато оваа законска обврска.Дел од нив со коментар дека не биле информирани каде да ги набават дефибрилаторите и каде да ја извршат обуката, која се спроведува од страна на екипи при Црвениот крст .
– Ние веќе подолго време вршиме обуки за ракување со дефибрилатор. Обуките ги спроведуваат стручни тимови од Црвен крст, но и меѓународни преставници. Сертификатот кој ќе го добие фирмата после обучувањето кај нас е валиден за инспекциските служби. Единствено нешто кое претходно треба да се знае и за што треба да се има и сертификат е укажувањето прва помош инаку потребни се околу 20 минути за едно лице да научи да ракува со овој надворешен автоматски дефибрилатор, вели Антонио Додевски- секретар на Црвен крст- Охрид.
Здравствениот пункт со дефибрилатор мора да го поседуваат државните органи, правосудните органи, единиците на локалната самоуправа,трговски друштва со над 100 вработени, хотелите со капацитет од над 100 легла. За непоседувањето на дефибрилатори и обучени вработени, казните за правно лице изнесуваат од 1800 до 2200 евра, а за физичко лице од 500 до 800 евра.
Цената на дефибрилаторите се движи од 2000 до 3000 евра.
Т.К.