Македонските студенти и младите претприемачи на возраст од 18 до 30 години ќе може да ги пријават своите креативни бизнис планови на Јавниот повик „Биди перспективен започни свој бизнис“ кој го објави Министерството за економија.

На најдобрите пет бизнис планови ќе им бидат доделени плакети и парични награди. Првата награда е во вредност од 330.000 денари, втората награда изнесува 230.000 денари, а за треопласираниот бизнис план ќе бидат доделени 130.000 денари. Исто така ќе биде доделена и четврта награда во износ од 100.000 денари, како и петта награда во износ од  60.000 денари.

Услов за добивање на паричната награда е формирање на претпријатие на чие што име и сметка ќе бидат префрлени средствата. Претпријатието треба да се основа по завршување на натпреварот, a носителите на бизнис планот воедно мора да бидат основачи и сопственици на претпријатието.

Овој натпреварувачки повик кој трае до 15-ти септември 2014 година е дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво и се реализира во соработка со: Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Министерството за образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Државниот универзитет во Тетово, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, Бирото за развој на образованието, Бизнис старт-ап центарот при Машинскиот факултет и Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонија.

Повеќе детали за овој Јавен повик може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија на Република Македонија.

OhridNews