Охриѓани се жалат на високите цени на повеќето услуги кои се нудат во градот за време на летниот период. Граѓаните велат дека „астрономските цени“ ги одвраќаат домашните туристи кои изминативе години во се помал број доаѓаат во Охрид.

Според многумина, услугите се доста скапи во екот на туристичката сезона, а уште отсега голем број услужни дејности ги зголемуваат цените за повеќе од 30 отсто.

Цените за време на летниот период се драстично повисоки за разлика од сега. Охрид не е таков туристички центар, па за кафе на охридската ривиера туристите да издвојат и по 120 денари. Од една страна, се жалиме дека домашните туристи го избегнуваат Охрид, а од друга цените не се соодветни. На само 14 километри долж струшката ривиера, цените се дупло пониски, а кафетериите се преполни.“ – вели еден наш сограѓанин.

Дел од граѓаните сметаат дека цените се високи и вон туристичката сезона, а како најскапи се издвојуваат прехранбените продукти.

Како охриѓани, високите цени на услугите ги чувствуваме на нашиот грб вон туристичката сезона. Па така, за шарска плескавица во овој период се издвојуваат од 110 до 250 денари. Брзата храна е поскапа од повеќето градови во земјава, па за еден хамбургер чини повеќе од 100 денари. Потоа тука се несовесните таксисти, кои во зимата возат за помалку од она што го покажуваат нивните таксиметри. Во лето, приказната е сосема подруга и веќе јасна. Со таков однос на сите туристички работници, туризам никогаш ќе немаме.“ – вели револтиран охриѓанец, кој извршил анализа на услугите во дел од угостителските објекти.

Неодамна угостителско-хотелските работници, истакнаа дека услугите кои се нудат во Охрид се доста поскапи, а како причина за тоа се наведуваат високите цени на енергенсите.

Околу хотелиерството, потребно е да се намалат цените на услугите, но за тоа најпрво треба да се регулираат високите цени на енергенсите.“  – истакна неодамна сопственикот на хотел „Гарден“, Наум Бакрески.

Дел од економистите велат дека не постојат статистички податоци за цените по градови во земјава, но сметаат дека животот во главниот град е поскап за разлика од Охрид. Сепак, повеќето со заеднички став дека куповната моќ на населението во земјава постепено опаѓа.

Бидејќи доходот на населението не се зголемува или пак се зголемува со помала стапка од порастот на цените, куповната моќ опаѓа. Народно кажано, со исти пари можеш да купиш помалку.“ – вели Марјан Гогоски, дипломиран еконимист од Охрид.

Сепак, охриѓани се оптимисти околу новата туристичка сезона, а се надеваат дека туристичките работници од градот ги научиле грашките од минатото.

O.T.