Колекторскиот систем е пред колапс поради високиот водостој на Охридското Езеро и реката Црн Дрим. Испустните цевки од колекторот се под вода поради што пречистените води се враќаат во пумпните станици кои се преоптоварени и не можат да ги прифатат отпадните води кои се прелеваат, предупредуваат од „Проаква“.
Најкритично е кај пумпната станица во Подмоље, каде е отворен вентил преку кој непречистените води се испуштаат директно во Охридското Езеро, во спротивно ќе дојде до големи поплави во охридско и струшко, тврдат од „Проаква“.
– Тој вентил се користи само во кризни денови како ноќеска и денес, за испуштање повеќе вода. Ако тоа не го направиме од Андон Дуков до Далјан и Воска ќе биде огромна поплава. Мислам дека ова е многу подобро решение отколку да дозволиме поплава во градот. Во ваква состојба се наоѓа и Струга на потегот кај Мислешево и другите населени места.-изјави Златко Старкоски, директор на МЈП „Проаква“.
За ситуацијата известен бил Кризниот штаб во Струга кој е пред сериозна одлука, бидејќи проблемот е обратно пропорционален и не постои идеално решение, посочува Старкоски.
-Доколку се затворат испустите на Охридското Езеро во Дрим во опасност ќе бидат доведени повеќе населени места во Охрид и Струга, каде се можни поплави, но ќе се стабилизира работата на колекторскиот систем и нема да истекуваат непречистени води. Во спротивно, пумпните станици не ќе можат да ги прифатат отпадните води –вели Старкоски.
Според најавите на метеоролозите, дождливо време не очекува и во првата половина од месец април, што не оди во прилог на стабилизирање на хидролошката ситуација.
-Големите осцилации на Охридското Езеро присутни во изминатите неколку години предизвикуваат сериозни последици, поради што е потребно да се изврши ревизија на управувањето со водните ресурси на овој значаен еко систем. Мислам дека треба добра стручна анализа која ќе ги согледа временските и природните појави и функционалноста на колекторскиот систем и решението со испустот на Охридското Езеро, со цел да се изнајде соодветно решение за да не доаѓа до вакви ситуации во иднина.-рече Старкоски.
Златко Старкоски – директор на МЈП „Проаква“
Тој смета дека општините Охрид и Струга немаат финансиска моќ за ваквите решенија, поради што е потребно државата да се вклучи во решавање на проблемот.
-Ние како Охрид и Струга не би можеле многу да влијаеме, тоа веќе станува проблем на државата, затоа што се потребни огромни средства кои треба да се обезбедат.-додаде Старкоски.
Нивото на Охридското Езеро во моментов е 20 сантиметри над максимално утврдената кота.