Оваа година во Софија за прв пат се одржа церемонијата “Логопед на годината” 2023г, на која се избра најдобриот логопед, специјалистот со кој што многу семејствата работеле или работат во моментов. Личноста која што им ја вратила довербата за иднината на нивното дете, довербата во закрепнувањето на нивните најблиски.
Во конкуренција над 1000 номинирани специјалисти вработени во државен, општински, приватен центар, болница, училиште, градинка и др., од кои само 70 влегоа во официјална конкуренција, Центарот за развој на охриѓанките Емилија и Драгагана Костовски го освои високото второ место во категоријата организација.
Мисијата на наградите беше да се одрази и да се препознае напорната работа, посветеноста и развојот на логопедите како специјалисти, како и нашиот придонес во развојот на оваа професијата. За нас ова е огромно признание, среќни сме што сме толку високо оценети и им сме благодарни на сите што не поддржаа и го дадоа својот глас за нас! – велат за OhridNews, наградените охриѓанки.
Целта на наградите беше да се обрне внимание на потребата од редовно следење на јазично-говорниот развој на децата и грижата за пациентите од сите возрасти, вклучително и терапијата и закрепнувањето на клинички значајните пациенти, додаваат Емилија и Драгана Костовски, кои за исклучителната посветеност во работата се наградени со значајно признание во професијата.
Г.М.