Нискотарифната авиокомпанија „Визер“ денеска ќе ја промовира новата директна авиолинија Скопје-Париз, на која ќе лета двапати неделно, во понеделник и во петок, со авион „ербас А320“. Со летниот ред на летање, кој е во сила од 30 март, авиокомпанијата воведе нови летови до уште две нови дестинации, Брисел и Франкфурт, пишува денешен „Дневник“.

Но, додека авиокомпанијата го проширува обемот на работа од македонските аеродроми, раководството на „Визер“ соопштило дека ќе ги намали флотата и бројот на летовите од белградскиот аеродром поради преголемите аеродромски трошоци. Нискобуџетната компанија објави дека од 6 мај ќе ги укине линиите од Белград кон Осло и кон Брисел и ќе го намали бројот на летовите кон други дестинации бидејќи аеродромските трошоци пораснале за 40 отсто.

Македонската Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) со летниот ред на летање одобри 141 лет неделно, 16 повеќе во споредба со летната сезона во 2013 година. На македонските аеродроми се враќа „Ал Италија“, која ќе оперира од мај со седум лета неделно на релацијата Скопје-Рим. Од аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Апостол Павле“ во Охрид, во редовниот сообраќај ќе бидат вклучени 14 авиопревозници, со директни авиоврски со 25 дестинации (Виена, Белград, Загреб, Истанбул, Љубљана, Цирих, Лондон, Малме, Гетеборг, Ајндховен, Дортмунд, Мемингем, Базел, Венеција, Стокхолм, Брисел, Париз, Келн, Милано, Франкфурт, Рим, Берлин, Брисел, Цирих и Дубаи).

-Најголем пораст, 18 лета повеќе, во споредба со летото во 2013, има авиокомпанијата „Визер“, на релациите Скопје-Брисел, Париз-Скопје, Келн-Скопје, Франкфурт-Скопје и Милано-Скопје. „Германија флугеселшафт“ ќе има два лета повеќе во споредба со минатата сезона на релацијата Скопје-Берлин. И „Џетерфлај“ има еден лет повеќе, односно ќе лета четирипати на релациите Брисел-Скопје, Скопје-Брисел, Брисел-Охрид и Охрид-Брисел – изјавил за „Дневник“  Дејан Мојсоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

АЦВ ги одобри и летовите во нередовниот воздушен превоз, но за нив бројката не е конечна. Според досега издадените решенија, од 10 јуни до 25 октомври годинава се предвидени по седум чартер-лета неделно на релацијата Анталија-Скопје, двапати неделно Бодрум-Скопје од 27 јуни до 10 октомври, Дизелдорф-Скопје исто така двапати неделно од 2 април и до 25 октомври, како и по еден лет Амстердам-Охрид од 12 мај до 29 септември и Анталија-Скопје и Анталија-Охрид.

OhridNews