Македонецот Божин Трајкоски кој долги години живее во Австралија, вчера во Општина Охрид ја презентираше идејата за изградба на елитна еко населба во охридското село Лакочереј. Со планот на инвеститорот Трајкоски, во кој се запазени сите еколошки и светски стандарди, се предвидува изградба на 174 објекти кои ќе се простираат на површина од 20,6 хектари во месноста викана Вишо.
„Вчера имавме еколошка расправа во просториите на општина Охрид, каде покрај стручните лица имаше и заинтересирани граѓани кои дадоа свое мислење. Планирам да направам едно самостојно еколошко село, кое нема да биде на никој начин зависно од градот.“ – истакна БожинТрајкоски, во интервју за OhridNews.
Нашинецот кој по потекло е од селото Лакочереј, повеќе од 15 години со неговата фирма учествувал во изградба на станбени згради, мостови и патишта во Австралија. Како што објаснува Трајкоски, неговата цел е да остави сопствена трага во родната земја.
„Во Австралија работев од 72-ра до 89-та година во градежништво и констуркција на патишта и мостови. На некој начин, сакам да дадам пример на другите дека тука во Македонија може да се инвестира слободно. Живеам во три различни земји, но моето срце е македонско. Бидејќи оставив длабоки траги во Австралија, како што ја изградив највисоката зграда во Канбера, сакам да оставам трага и во моето родно село.“ – истакнува нашинецот Трајкоски, кој живее во Австралија и Тајланд.
Неговата идеа се раѓа пред четири години, а минатото лето успева да го докупи последниот плац во селото Лакочереј, кој му е потребен за проектот.
„Ми беа потребни четири години додека ги купив сите плацеви кои беа предвидени. Сега започнува вистинската работа. Секој потенцијален купувач, ќе може да изгради куќа според седумте понудени различни стилови. Објектите ќе бидат П+1 со седуметарска висина од плочата. Ентериерот ќе биде по избор на купувачите. Во секој случај, се ќе биде под строг мониторинг за објектите да бидат исти.“ – додава Трајкоски.
Во еко-селото се предвидени општествено полезни објекти како Дом за стари лица, спа и спортско рекреативен центар.
„Пензионерскиот дом ќе има 100 соби, а секое лице ќе има свој апартман, соба за спиење и паркинг простор. Во средината на домот, предвидена е кујна и клуб за пензионери, со цел истите да имаат занимација преку целиот ден. Спа-центарот ќе биде помал, но конфорен за постарите лица. Тука се наоѓа и едно-километарска пешачка зона за шетање и рекреација. Патот ќе биде широк 6 метри, а од двете страни ќе се протега дво-метарски тротоар и зелен појас. Во планот има голема површина со шума и зеленила, со цел воздухот да биде чист.“ – потенцира Трајкоски.
Тој вели дека за разлика од пред 50 години кога ја напуштил земјава, Македонија е драстично променета на добро, а предноста во однос на Австралија и Тајланд е идеалната клима.
„Кога заминав од Македонија, на кандило пишував домашна и јадев леб со маст. Немаше ниту пат, ниту некаква инфрастурктура. Сега земјава може да се спореди со Австралија. Можеби сме реалтивно назад, но тоа се должи на менталитетот и природните богатства што го нуди Австралија. Но предност во Македонија е добрата клима и прилично добрата инфраструктура. Нормално, таа може да биде подобра, но се надевам дека работите ќе се средат. Исто така, Охрид го има најубавото езеро со питка вода и идеална клима.“ – вели Трајкоски.
Според него, на Македонија и е потребен закон со кој на странските државјани ќе им се овозможи купување на станбени и индивидуални објекти, за истите да можат да се доселат во земјава.
„Тоа е европски закон кој важи низ целата Европска Унија. Би бил задоволен кога во еко-селото би се населиле европски жители. Во суштина, сакам да направам едно космополитско место за живеење.“ – додава Трајкоски.
Тој на сите граѓани на Македонија им препорачува да го следат и да го живеат сонот, бидејќи само така можат да успеат во животот.
„Има многу земји што се полоши за живеење од Македонија. Ситуацијата е страшна во Азија. Тука условите за да станеш успешен се поголеми, споредбено со Австралија. Институциите се поблиски и на еден начин можеш да почнеш полесно од нула. Би ги замолил сите наши сограѓани во Австралија да не се заспани, бидејќи сонот можат да го реализираат токму тука.“ – вели Божин Трајкоски во интервјуто за OhridNews.
О.Т.