На 289 охридски стечајци денеска им беа врачени позитивни решенија за материјално обезбедување, согласно „Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата од 2000 до 2013 година“.
Според евиденцијата на Охридскиот Центар за вработување најголемиот дел од лицата кои во иднина ќе добиваат месечен паричен надоместок биле вработени во АД „ЕМО“ и неговите ДООЕЛ фирми. Неколку позитивни решенија за материјално обезбедување добиле поранешни вработени на АД „НГП Застава“, Водостопанство „Охридско Езеро“ и НИП „Нова Македонија„.
-Во согласност со законските прописи, решенија добија лицата кои имаат над 25 години работен стаж и работата ја загубиле по основ на стечај и ликвидација или технолошки вишок во претпријатија во доминантна сопственост на државата. Четири услови мораа да бидат исполнети истовремено, изјави Јован Батковски, раководител на Центарот за вработување во Охрид.
Тој нагласи дека во текот на наредните неколку дена ќе биде направен уште еден преглед на сите поднесени барања, па постои можност да бидат издадени уште неколку позитивни решенија.
Оние невработени кои не ги исполнуваат условите од Законот, а имаат поднесено барања до Центарот исто така ќе треба да добијат писмено решение.
-На оние кои што не ги исполниле условите ќе им бидат доделени тн. негативни решенија, кои што ќе им бидат врачени лично или ќе им бидат испратени по пошта. Откако ќе ги добијат решенијата невработените ќе имаат право на жалба во рок од 15 дена, од денот добивањето на решението. За жалбите ќе одлучува второстепена комисија, појасни Батковски.
Инаку во предвидениот рок за аплицирање, до Центарот за вработување во Охрид биле пристигнати вкупно 540 барања за материјално обезбедување.
Според Законот, лицата кои го остварија правото на материјално обезбедување ќе добиваат паричен надоместок во висина од најмалку 7100 денари, односно 34% од просечната плата исплатена за минатата година, плус здравствено осигурување.
Е.М