Од отворањето на СОС линијата, односно за период од два месеци, поднесени се вкупно 407 пријави за лица во социјален ризик.
-Од нив четири се пријави за бездомни лица, 22 за дете на улица и дете во социјален ризик, осум пријави за злоупотреби на деца, 22 за инвалидно лице, 41 пријава за старо и изнемоштено лице и 310 повици преку кои се побарани информации од областа на социјалната заштита, рече министерот Ристовски.
Тој додаде дека по сите овие пријави е постапено од страна на стручните лица на Министерството за труд и социјална политика и од надлежните органите.
-По пријава на граѓани, 22 деца се дислоцирани од улица. Осум од нив во моментов се сместени во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“. Останатите се вратени кај родителите, појасни министерот Ристовски.
Оние деца кои се вратени кај родителите, ќе бидат под постојан надзор на стручни тимови, а истите деца доколку повторно бидат најдени на улица ќе биде покрената постапка за одземање на родителството. Соодветни постапки, се преземени и во случаите на злоупотреба на децата, во кои најчесто еден од родителите физички ги злоставувал.
На бесплатниот СОС телефон 15 505 граѓаните можат да пријавуваат дете на улица или дете во социјален ризик, бездомно лице, старо и изнемоштено лице во социјален ризик, инвалидно лице во социјален ризик, како и случаи на злоупотреба на дете и педофилија.