Вкупно 6 охридски фирми и 23 невработени охриѓани пројавиле интерес за мерката „Субвенционирање за вработување“ која ја имаше објавено Агенцијата за вработување на Република Македонија. 

Оваа мерка чии што рок за аплицирање истече минатата седмица, беше наменета за евидентирани невработени лица, активни баратели на работа, со посебен приоритет за долгорочно невработени лица, возрасни лица од 50 до 59 години, за ранливи групи на граѓани и за млади лица до 29 годишна возраст.

-Оваа мерка предвидува субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка за секое вработено лице од овие категории при што државата ќе субвенционира износ од 13 илјади денари месечно, за период од шест месеци. Работодавачот има обврска лицето кое ќе го вработи преку оваа мерка, да го задржи на работа уште најмалку 12 месеци или вкупно 18 месеци, вели Пецо Павлоски, координатор на Секторот за активни мерки за вработување при Центарот за вработување во Охрид.

Тој појасни дека освен за невработените кои аплицирале за оваа мерка, посебни услови морале да исполнуваат и фирмите кои пројавиле интерес за оваа субвенција.

-Работодавачите можеа да конкурираат за овие субвенции доколку не го намалиле бројот на вработени шест месеци пред објавувањето на огласот, освен во случај кога намалувањето на бројот бил поради истекот на определено време, пензионирање и случај на смрт. Исто така работодавачот не може повторно да ги вработи со субвенционирање, лицата што ги отпуштил пред објавувањето на Јавниот оглас. Освен овие услови работодавачот пред пријавувањето за оваа мерка, должен е да ги има измирено сите даноци и придонеси кон државата, објаснува Павлоски.

Тој потенцира дека за да ја искористат оваа субвенција, фирмите мораат да ги вработат невработените лица, кои исто така аплицирале за оваа мерка.

-На овие 6 фирми кои аплицирале за оваа мерка, потребни им се вкупно 11 вработувања, додека пак за оваа мерка имаме пријавено 23 невработени од нашата евиденција. Ова значи дека речиси половина од овие невработени кои се пријавиле нема да можат да се вработат преку оваа мерка, нагласува Павлоски

Инаку во текот на утрешниот ден 20-ти мај истекува и рокот за мерките „Самовработување со кредитирање“ и „Кредитирање на правни субјекти“, чии што огласи се објавуваат периодично.

Е.М