Заклучно вчерашниот ден, кога беше крајниот рок за пријавување на настанатите штети од невремето кое го зафати Охрид и околината на 9- ти овој месец, до општинската комисија, пријавени се вкупно 60 барања за обесштетување. Меѓу нив, најголемиот број се од индивидуални производители на градинарски и овошни производи и едно барање поднесено од правен субјект- комплексот оранжерии- Градинар.

Најголемиот број барања за обесштетување се пријавени од жители на селото Велгошти, дел од Лескоец, Видобишта, булеварот Железничка, кај Алтанин мост,  како и неколку пријави поради поплавени подрумски простории од куќи низ градот.



Како што информираат од Општинската комисија, денес, нивните членови се веќе на терен за да извршат увид на лице место по што ќе следи изготвување на елаборат за вкупните штети, кој ќе биде доставен до советот на општина Охрид, по што тој ќе биде испратен до републичката комисија и Влада на РМ. Колкав дел од пријавените штети ќе им бидат надоместени на граѓаните зависи од одлуката на владата.

За среќа не се остварија стравувањата на охриѓани дека поради невремето и градот кој го погоди реонот на селата Велгошти и Лескоец, оваа сезона ќе мине без познатите  јагоди и цреши кои се произведуваат токму во овој дел од околината на Охрид. Нив деновиве ги има во изобилство на охридскиот пазар.



– Градот минатата недела, за среќа, ги одмина насадите со јагоди и цреши во Лескоец. Зафати само мал дел, на крајот од селото. Во спротивно, ништо не ќе останеше од јагодите кои беа во фаза токму пред берење за да се продаваат, коментираат жителите од Лескоец.

Јагодите и црешите на охридскиот пазар се продаваат по цена од 50 до 60 денари за килограм.  

OhridNews