Вкупно 755 охриѓани со факултетска диплома се дел од листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со последните статистички податоци од месец ноември 2015 година, кога биле евидентирани вкупно 4.362 лица кои активно бараат работа во Охрид.

Според степенот на образование, во ноември во охридската евиденција на невработени се запишани и 42 магистри и еден доктор на науки. Исто така работа бараат и 162 лица со виша школа и 1.302 лица со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 944 охриѓани, а невработените со основно образование партиципираат со бројка од 1.156 лице.

Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.506 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 866 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 990 лица, помлади од 30 години.

Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.326 невработени или 290 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.036 места.

OhridNews