Навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но мора да ги имаме предвид и состојбите во државата во услови на економска криза. Ова на раководството на Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ му го посочиле премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири на денешната средба во Владата.

Тема на состанокот, наведува Владата во соопштението, беше барањето на Синдикатот на УКИМ за зголемување на платите на професорите и потпишување посебен Колективен договор за УКИМ, независно од постојниот Колективен договор со СОНК, потпишан минатата година.

Како што информира владината прес-служба, на претставниците на Синдикатот на УКИМ, предводени од неговиот претседател Ангел Ристов, им беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20 отсто, односно 5 отсто од септември 2019 година, 8 отсто од септември 2021 година и 7 отсто од септември годинава.

Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детални анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и следната година, но беше и побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високообразовните установи. Владата на Република Северна Македонија освен што работи на зголемување на платите во образованието, работи и на унапредување на научно-истражувачките проекти за јавните научни установи, но и за набавка на опрема за лаборатории, акредитација на лаборатории за научно-истражувачка дејност, се наведува во соопштението на Владата.

Владината прес-служба посочува и дека во насока на подобрување на состојбата во високото образование, вратени се некои стипендии и воведени нови за постдипломски и докторантски студии во државата.

Со оваа политика на стипендирање, нагласува Владата, ги поттикнуваме успешните студенти да се надградуваат и да се занимаваат со научно-истражувачка работа, но и да останат во државата како кадар на универзитетите и институтите.

OhridNews