Владата синоќа ја одржа 8-та седница на која го утврди текстот на Предлог-законот за јавното обвинителство за кој е одлучено да оди на усвојување во Собранието на Северна Македонија по скратена постапка.

-Утврдениот Предлог-закон е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка. – информира владата.

Решението на Предлог-законот предвидува дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

Новина во Предлог-законот е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија. За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.

Предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон.

За усвојување на овој закон потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, односно за да биде усвоен истиот треба да добие поддршка од најмалку 80 пратеници.

OhridNews