Локалната самоуправа презема мерки за исполнување на препораките на УНЕСКО за контролирана урбанизација и градба на охридското крајбрежје. Градоначалникот Јован Стојаноски информира дека за таа цел, аплицирано е за изработка на Урбанистички план кој е поделен на два дела.
- Првиот опфат се однесува на делот од реката Далјан до Подмолје, а вториот од Св.Стефан до Метропол, кој е една голема површина на која се наоѓа и државно градежно земјиште, но и голем дел приватно земјиште. Мора да го изработиме тој план, а бидејќи немаме доволно финансиски средства аплициравме кон фондовите на УНЕСКО и очекуваме дека ќе ни бидат одобрени средствата кои се потребни за овој план, изјави Стојаноски по денешната средба во Охрид со претставниците на ХОТАМ и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески вели дека е против било каква одлука за целосна забрана за градење на крајбрежјето.
- Ние сме против стопирање на градбата на крајбрежјето на Охридското езеро, но сме за да се донесе детално урбанистичко решение со кое понатаму ќе се знае што каде може да се изгради, а и ќе се сопре изградбата на дивоградби, смета Блажески.
Министерот Бектеши потенцира дека е започнат процес на ревидирање на законот, особено во делот на категоризацијата на хотелите со цел да биде поедноставен и рамноправен кон сите хотелиери.
Инаку, Македонија има рок до 1 декември оваа година да постапи по препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО која во извештајот од минатата година наведе 18 забелешки кои треба да се остранат за да не се загрози статусот на Охридскиот регион кој пред четири децении е ставен на листата на светско природно и културно наследство. Контрола на урбанизацијата и развојот, патната инфраструктура, изградба на големи ресорти, се само дел од забелешките и препораките од УНЕСКО.