Владата и Министерството за внатрешни работи се најтранспарентни, а јавните претпријатија, судовите, училиштата и универзитетите се најмолчаливи во однос на доставувањето на информациите од јавен карактер во 2011 година.

Причина за затвореноста на институциите, според портпаролот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Бобан Пановски, е немањето лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер, на што Комисијата ќе работи идната година, но и непознавањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Пановски денеска на прес-конференција информираше дека оваа година Комисијата постапувала по 273 жалби поднесени поради молчење на администрацијата, 32 жалби поднесени против решенија за одбивање на пристапот до информации и исто толку со кои се прекинува постапката поради непоседување на информацијата и по 40 против одговори од имателите на информациите од кои барателите биле незадоволни.

За запознавање и едукација на граѓаните за нивното законско право за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Комисијата во соработка со Македонската радио телевизија подготви спот кој се емитува секојдневно на јавниот сервис.

Во изминатава година Комисијата одржа обуки за граѓаните, невладините организации и за имателите на информациите од јавен карактер во Велес, Штип, Кичево, Дебар, Ресен, Струга, Струмица, Гевгелија, Делчево и Кратово за правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

OhridNews
Извор:,, МИА”