Владата почна постапка за давање под концесија на дел од Охридското Езеро, Преспанското и Тиквешкото езеро, како и водите на шест акумулации и повеќе сливови на реки. Повикот е објавен пред десетина дена и се однесува на три концесии за стопански риболов и 25 за рекреативен риболов. Концесиите се даваат на рок од шест години, а ќе бидат за првпат распределени по електронски пат.

Концесијата за стопански риболов за Охридското Езеро се однесува на потегот од ХЕЦ „Глобочица“ до местото Далјан во Струга. Минималниот  надомест за концесијата за Охридското езеро е 600 илјади денари. Крајниот рок за доставување понуди е 17 март 2014 година, кои треба да се достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На електронската аукција ќе одат сите оние кои ќе достават понуда, а минимална цена ќе биде најниската понудена. Понудите ќе се отворат на 17 март 2014 година.

Може да се јават субјекти кои се регистрирани во областа рибарство, а кои според условите треба да достават завршна сметка за состојбата на работењето, да имаат или остварено договор со стручна научнаобразовна установа од областа на рибарството или во рамките на својот субјект да имаат вработен кадар со образование од областа на рибарството, како и тоа дека ќе ги исполнат обврските во однос на поседување опрема, рибочувари, одржување на рибниот фонд и слично.

Концесиите за рекреативен риболов, се однесуваат на Преспанското Езеро, акумулациите Водоча, Глажња, Липково, Тиквешко Езеро, Црничани, Глобочица, Матка, Треска, како и на сливот на реките Вардар горно, средно и долно течение, слив на река Треска, слив на Пчиња, Црна Река, Брегалница, Струмица, Црн Дрим и сливот на Преспанското Езеро.

OhridNews