Македонската Влада изрази силно несогласување, протест и осуда на употребата на терминот “славомакедонци” од страна на евроамбасадорот Аиво Орав, потенцирајќи дека ваквиот однос не придонесува кон решение на отвореното прашање со јужниот сосед, пренесува „Макфакс“.
„Доколку ова е нечија идеја со различно однесување на определени претставници Европската комисија(ЕК) во еден момент да ни се допадне нам користејќи го терминот “македонски”, а во друг момент да им се допадне на нашите соседи користејќи го терминот “славомакедонци”, треба да биде свесен дека со ваков однос никако не придонесува кон решавање на отвореното прашање“, се вели во владината реакција.
Понатаму се посочува дека со ваквиот однос се внесува забуна во процесот и не се создава терен за резултат од процесите.
„Со ваквиот однос амбасадорот Орав треба да знае и да е свесен дека се изразува непочитување на основниот принцип на самоопределување и самоименување. Исто така, со овој однос, треба да знае дека свесно или несвесно се покажува дека отвореното прашање не е само за името на нашата земја, туку и за идентитетот, со што и самата Европска комисија ја вовлекува на опасен терен во еден спор чии рамки се дефинирани од страна на Обединетите нации“ се вели во владината реакција.
Владата апелира на принципиелен однос од сите претставници на ЕК по однос на ова исклучително важно прашање.
извор:„Макфакс“