Владата на Република Македонија во 2013 година стратешки ќе се насочи кон помагање на бизнис секторот преку поттикнување на иновациите, истакна на прес конференција денеска портпаролот Александар Ѓорѓиев.

-Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде формиран и ќе стартува со работа во 2013 година. Тоа ќе биде ново тело во политичко-економскиот систем на државата. Главен фокус ќе му биде поттикнувањето, но и финансирањето на иновациите, и општо поддршка на бизнис секторот, истакна Ѓорѓиев.

Фондот ќе се развива во две поголеми фази. Во првата фаза, односно во 2013 година целосното финансирање на Фондот ќе го обезбеди државата. Во втората фаза, од почетокот на 2014 година покрај владиното финансирање, Фондот ќе обезбедува средства за својата функција и од странски извори на средства пред се од ИПА програмата за индустриска политика каде се предвидени средства за финансирање на трансфер на технологии и иновации, и средствата од Светската Банка, која стартува нов проект за подобрување на вештини, преку кој може да се обезбедат средства за фондот и за градење на капацитети, објаснува Ѓорѓиев.

Фондот, според најавите, ќе обезбедува техничка помош и консултантски услуги за новоосновани и постоечки претпријатија за зголемување на инвестициите во иновации;-финансирање и кофинансирање на истражувачи и иновациски проекти на претпријатијата; комерцијализација на знаењето и науката преку формирање на универзитетски спин оф компании основани од страна на студенти, научни работници и претприемачи-инвеститори.

Во првата фаза, додека се финансира единствено од државата, предвидено е Фондот да доделува грантови за иновации до 10.000 евра, да доделува грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации до 30.000 евра, како и еквити и мезанин инвестиции до 80.000 евра.

Во втората фаза, односно по приклучувањето на средствата од Светска Банка и ИПА Индустриска политика, ќе се зголемат расположливите износи на постоечките инструменти, а ќе бидат воведени и нови повисоки грантови.

-Она што е особено значајно е дека Фондот ќе врши работи на поврзување на домашните компании и субјекти, како и стручна и експертска помош, и логистичка поддршка, за апликации и конкурирање за добивање средства на регионалниот проект на Европската Комисија “Платформа за развој на претпријатија и иновации”, чиј финансиски фонд ќе изнесува 140 милиони евра, рече Ѓоршиев.

Во месец декември треба да биде изготвен Предлог – закон за иновации со кој ќе биде регулирано формирањето, управувањето и функционирањето на Фондот.

Основач на Фондот ќе биде државата, а дополнително ќе се утврдува моделот на управување.

-Со овој Фонд се прави силен пробив на полето на поддршка на компаниите и иновации. Преку него се обезбедуваат директни средства за поддршка на бизнис плановите. Затоа Владата уште отсега ги повикува компаниите, но и заинтересираните лица, студенти, научници да почнат со подготовка на проекти и планови за развој на бизнисите. Фондот ќе овозможува многу опции и инструменти, и тој ќе биде од голема корист за економскиот развој, додаде Ѓорѓиев.

OhridNews