Како што пренесува „Макфакс“, ветувањето од владините преставници било дека законот ќе биде различен од унгарскиот, кој беше критикуван од европските институции, но и дека за неговото донесување ќе бидат направени широки консултации.
„Една од работите што ни беше кажана е дека во овој консултативен процес и предложувањето на новиот Закон за медиуми нема да го повторат процесот или типот на законот што беше усвоен во Унгарија, кој доби големи критики“, изјави Паула Шрифер од Фридом Хаус.
„Само што дојдовме од средба со премиерот. Ни даде јасно ветување во однос на новиот Закон за медиуми, што го сметаме за охрабрувачки. Се надеваме дека македонската влада ќе го направи тоа. Ветувањата беа во однос на јавни консултации и посветеност со граѓанското општество и медиумските организации за развој на тој закон, почнувајќи од декември“, рече Сеџал Пармар од организацијата Артицле 19.
Претставниците на партнерската група за време на средбите со владини преставници, невладини организации и медиумски здруженија во последните два дена изразиле загриженост за бројот на судски процеси против новинари, за кои сметаат дека се диспропорционално многу во однос на големината на земјата.
На средбите е покренато и прашањето на проширувањето на составот на Советот за радиодифузија и начинот на кое тоа беше направено. Но, велат, треба да се почека и да се види како ќе функционира новиот состав.
Било разговарано и за вклученоста на владата и големата сума пари што ги одвојува за рекламирање. Препорачуваат владата да размисли за други начини за пласирање на своите кампањи.
Исто така, било разговарано и за впечатокот што постоел во земјата за селективна примена на законите во однос на медиумите.
Станало збор и за можноста за декриминализација на клеветата.
„Тие рекоа дека ќе ја разгледуваат можноста за декриминализација на клеветата и дали е во согласност со европскиот правен систем. Исто така, размислуваат за ограничување на казните за граѓанските постапки за клевета. Сеуште ја немаат донесено конечната одлука, но ја разгледуваат“, рече Мајкл Харис од Индеџ он ценсорсхип.
Целосниот извештај за посетата на партнерската група ќе биде објавен в понеделник.
извор: „Макфакс“