Приближување на државната администрација кон граѓаните, обезбедување на поголема вклученост на младите луѓе во работата на државните институции и обезбедување на услови за младите луѓе да стекнат практични знаења и вештини, се главните цели на Јавниот повик за волонтирање кој го распишаа Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија и Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија.
На Јавниот повик кој ќе трае до 15 јуни 2014 година, ќе може да конкурираат студенти од завршните години (3, 4 и 5 година) на факултетско образование. Право на учество имаат сите студенти независно од етничка, верска, полова и социјална припадност, или пак политичка ориентација и независно од годината на студии, а особено студентите на правни, политички, економски и филолошки науки, и електро-технички науки.
Заинтересираните студенти за волонтирање до архивата на Владата треба да поденесат апликација која ќе содржи мотивациско писмо, куса биографија и фотокопија од нивниот индекс.
-Во периодот од 15 јуни до 1 јули ќе бидат разгледувани апликациите на заинтересираните кандидати и ќе бидат повикувани на интервјуа во овие институции. По изборот на кандидатите кои ќе се стекнат со право на волонтирање во институциите, тие ќе ги посетуваат овие институции во периодот од 1 јули до 15 септември 2014 година, ќе вршат делегирани работни задачи согласно програмата и планот за волонтирање, пишува во информацијата на веб-страницата на Владата.
Во неа се напоменува дека бројот на лица кои ќе волонтираат не е фиксно определен и ќе зависи од бројот на пријавени кандидати, од нивните референци и интерес и дека во овие две институции најверојатно ќе бидат ангажирани за волонтери неколку десетици лица.
-За време на своето волонтирање лицата ќе добиваат надомест за волонтирање согласно законот, кој изнесува помеѓу 4000 денари и 4500 денари, што значи дека нема да имаат трошоци во поглед на патување или исхрана или други издатоци во врска со волонтирањето. По завршувањето на волонтирањето, сите волонтери ќе добијат волонтерска книшка, која што има битно значење како референца во нивниот понатамошен професионален и кариерен развој, информираат од Владата.
OhridNews