Владата објави оглас за вработување на неопределено време на 300 лица со инвалидност. Изборот на лицата кои ќе бидат вработени ќе биде направен по електронски пат врз основа на исполнетите услови кои се бараат во огласот. Лицата првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат прераспоредени во државните институции.
– На огласот можат да се јават лица со оштетен вид, слабовидни и слепи, со оштетен слух, глуви и наглуви, лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност – тешка и потешка, лица со пречки во менталниот развој – лесни и умерени и лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој појасни дека лицата со инвалидност кои ќе ги исполнат условите првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат распоредени во државната и јавната администрација, по претходно утврдени потреби од страна на институциите и според способностите и квалификациите на лицата со инвалидност потврдени со мислење од надлежна комисија.
Од 300-те работни места, 160 се предвидени за помошни работници со ниско образование, односно ниска квалификација, 100 за референти-извршители со средно и вишо образование и 40 соработници и советници со високо образование.
Министерот Спасов информира дека изборот на кандидати за засновање на работен однос ќе се врши по утврдени критериуми на бодување при што до 40 бода ќе се добиваат за период и години на невработеност, до 30 за личен приход на лицето со инвалидност, до 20 бода за приход на домаќинство и до 10 бода за еднородителско семејство или домаќинство кое има повеќе членови со инвалидност. Како приходи на домаќинство ќе се смета состојбата од 1 јануари 2013 година, а социјалната парична помош, посебниот додаток, паричниот надомест за помош и нега од друго лице и додатокот за слепило – мобилност нема да се земаат како приход.
Огласот ќе трае до 1 декември и формуларите за пополнување ќе можат да се подигнат од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и од архивата на „Македонски шуми“.
При пополнувањето на формуларите на лицата коишто ќе се пријавуваат за огласот ќе им биде дадена помош од стручните служби на „Македонски шуми“.
OhridNews