Нов закон за спорт, десетгодишна стратегија за развој на спортот во Македонија, Дом на спортот, повеќе средства за постоечките и новите спортисти и рекреативци, нови наставни програми за физичка култура и спорт,… се само дел од прашањата за кои се дискутирало на денешната средба на премиерот Зоран Заев и директорот на Агенцијата и млади и спорт Дарко Каевски со спортски работници и претставници на спортски федерации, здруженија и поддржувачи на развојот на спортот.

По средбата премиерот Заев изјави дека имало суштествена дискусија за развој на спортот во Република Македонија и апелираше политиката да биде надвор од спортот.

– Системската поддршка на спортот од страна на државата е клучна за остварување високи спортски резултати и за достоинствен живот и услов на работа на сите спортисти, рече Заев.

Во однос на стратегијата за спорт, премиерот рече дека е многу значајно да се постават соодветните цели и дека до први септември треба да се изработи законот за спорт и законот за спонзорства и за донации со воведување на ваучерите. – Тогаш сакаме да го воведеме и фондот, но тоа е таргетот и за стратегијата со се што треба да биде вградено. – додаде премиерот.

Тоа дава можност, додаде премиерот, во четирите месеци кои остануваат до крајот на годината да се видат и слабостите и предностите на законите.

– Има амбиент во државата. Рековме политиката аут од спортот. Денеска бевме сите од политички партии овде да го поддржиме спорт. И јас апелирам да се растеретиме од политиката да се вклучиме во најважната споредна работа на светот – спортот со која сме врзани сите, ако не лично тогаш преку децата дополни Заев.

Зборувајќи за неполитизирањето на спортот, тој како претседател на СДСМ ги повика неговите сопартијци, како што рече „да ги тргнат рацете далеку од спортот освен кога сакаат да помагаат непристрасно“. Верува дека примерот ќе го следат и другите политички партии.

Заев кажа дека една од темите за кои се дискутирало на денешната средба е и Дом на спорт.

– Локацијата е веќе определена. Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски веќе работат со Македонскиот олимписки комитет (МОК). Мојот советник за спорт и директорот на Агенцијата за спорт се веќе запознаени. Дел од средствата се веќе обезбедени преку МОК, државата треба да партиципира. Се работи за локација близу Вардар од другата страна на стадионот. Сите федерации, вкупно 32, ќе имаат свој административен простор, сали за состаноци, угостителски објекти и други содржини. Верувам дека тоа е возможно и дека изградбата може да почне уште оваа година. – рече премиерот.

Најави укинување на јавното претпријатие за стопанисување со спортските сали и доделување на овие објекти на општините и на Агенцијата за млади и спорт. Подготвените општини ќе може да ги преземат објектите со тоа што ќе гарантираат бесплатни тренинзи, покривање од голем дел од трошоците од сопствените буџети, а она што е од национален интерес да остане под Агенцијата за млади и спорт, неколку федерации да добијат неколку сали…

Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт кажа дека нивни клучни приоритети се воведување мали реонски базени, олимписката програма, наградување на 250 најдобри младински клубови се со цел поголемо вложувања и мотивација во младинските категории, враќањето на спортски сали на федерациите.

– Поднесовме предлог четири сали од салите што ги изгради Агенцијата за млади и спорт да се вратат во корисничко право на федерациите, прво да бидат најголемите четири спорстки федерации кои ќе бидат задолжени да ги вдомат сите останати спортски федерации, изјави Каевски. На тој начин ќе се озвоможи кратење на трошоците на федерациите.

Во склоп на училишните спортски сали во најголемите училишта во земјата ќе се градат мали реонски базени. Почетокот на проектот ќе биде оваа година. Приоритет ќе биде еден час по физичка култура во тие школи да биде пливање.

Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Ленче Алексовска кажа дека според неа постојат три цели и тоа да се посвети внимание на дечињата и нивното вклучување во спортот особено од 7 до 10 годишна возраст и ставање на часот по физичка култура на едно повисоко квалитативно ниво, да се посвети внимание на стручните кадри и поврзаноста на науката и спортот. 

Кошаркарот Тодор Гечевски, кој сега работи како требер по кошарка во младинските категории во КК Работнички, смета дека највлијател дел од спортот се домашните играчи и без нив нема здрава нација. Укажа на проблемот со имлементација на законот за спорт во делот на финансирање на клубовите.

Извор: „Миа“
OhridNews