На последната седница Владата на Република Македонија одлучи да се спроведе процес на квалитативно надградување на социјалните служби со предвидување на воспоставување на посебни организациони форми – Регионални советувалишта за семејство и брак, чија цел е подобрување на условите и можностите за остварување на функциите на семејството, промоција на семејните вредности и обезбедување на можности за граѓаните за стручни и професионални совети во врска со надминување на определени предизвици во функционирањето на семејството, информираше денеска на прес конференција портпаролот на владата Александар Георгиевски.
-Со оваа реформа се предвидува формирање на 11 Регионални советувалишта за семејство и брак и тоа: Скопје, Велес, Куманово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, и Свети Николе, и секој од овие регионални центри би ги опфаќал и жителите на помалите населени места кои гравитираат кон нив.-истакна Георгиевски
Тој посочи дека ова активност се презема како резултат на анализи и компаративни искуства од поразвиените земји во оваа област, со определени адаптации виза ви спецификите во нашата земја. Георгиевски појасни дека регионалните советувалишта би покривале материја од целокупната област на семејни прилики како јакнење на родителските капацитети и градење на вештини за одгледување и воспитување на своите деца, поддршка на семејствата кои веќе се наоѓаат во одреден социјален ризик, (нарушени партнерски односи, развод на брак, разведени семејства, конфликтни семејства) итн.
Предвидено е во о Регионалните советувалишта да работат најстручните лица од центрите за социјална работа кои се со поголемо работно и стручно искуство на решавање на проблемите во бракот и семејството и кои се докажале со позитивни резултати во работењето, и дека работата во овие Регионални советувалишта би се одвивала во две смени, што обезбедува поголеми можности за нивно посетување во услови на потреба но и поголема дискреција на лицата кои ќе ги посетуваат. Услугата која ќе се добива во овие советувалишта би ја давале стручни лица од област на педагогијата, психологијата, правото и социјалните работи во зависност од предизвикот кој се решава, конкретниот предмет и потребите на лицата кои побарале услуга, и услугата ќе биде бесплатна со што семејствата или лицата на кои им треба услугата не би биле изложени на трошоци како што тоа е случај во приватниот сектор во оваа област.
Регионалните советувалишта би работеле и како помош на центрите за социјална работа, за упатување на посложени предмети, односно како помош во работењето со оние премети каде што стручниот тим на центарот за социјална работа кој работи на одреден предмет, ќе оцени дека е потребна поголема стручност и за кои ќе оцени дека е потребно да се посвети повеќе внимание и време за надминување на проблемите, истакна Георгиевски.
Носител на целокупната активност е Министерството за труд и социјална политика, кое во периодот што следи преку Заводот за социјални дејности ќе изработи посебна програма за работа на регионалните советувалишта која ќе се базира на задржување на бракот, разбирањето за детето во контекст на неговото семејство и заедница, при што ќе бидат вклучени и надворешните влијанија врз семејниот систем, внатрешните конфликти и комплексната динамика помеѓу членовите на семејството, по што би се започнал и непосредниот процес за отворање на Регионалните советувалишта, што се очекува етапно да започне во месец септември, додаде владиниот портпарол.
OhridNews