Владата на денешната 11-та седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, за забрана за групирање во домови на семејни прослави, како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот, при што заклучи дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести, се наведува во соопштението.

Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС механизмот за пристап до безбедни и ефективни вакцини за COVID-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, се додава во соопштението.
OhridNews











