На денешната 137 редовна седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.
Како што истакнуваат од Владата во Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој.
Владата посветено работеше на донесувањето на овој закон, и на седницата беше нагласено уверувањето дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион. – соопшти Владата

До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство. – информира Владата.
OhridNews













