По одржаните две одделни јавни расправи за Нацрт-текстовите на Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на крајот од минатиот месец и по добиените предлози, забелешки и сугестии од учесниците во дебатите, Владата на Република Македонија поднесе амандмански предлози до Собранието на Република Македонија.

-Станува збор за осум амандмани од Предлог-законот за медиуми, кои се однесуваат на членовите 7, 8, 10, 15, како и членовите 17, 18, 20 и членот 22, како и 14 амандмани од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за членовите 6, 14, 23, 29, членовите 37, 40, 41, 44, членовите 73, 88, 91, 92 и членовите 99 и 141, рече на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Амандманите генерално се предлагаат со цел да се допрецизираат одредени сегменти од законите, согласно добиените укажувања од страна на Советот на Европа и ОБСЕ, како и врз основа на предлозите од домашната медиусмка јавност.

Од министерството за информатичко општество информираат дека утре ќе се одржи уште една јавна расправа по предлог текстовите на двата закона, на која ќе присуствуваат експерти на Советот на Европа, на ОБСЕ и на TAIEX мисијата.

Министерот Ивановски од утрешната дебата очекува да произлезат и нови предлози, кои во форма на амандмани би биле доставени до Собранието пред законите во втора фаза да бидат разгледувани од страна на собраниските тела.

OhridNews