Владата увои одлука за утврдување на флексибилно работно време на сите вработени од органите на државната управа.

Со одлуката се утврди почетокот на работното време да биде помеѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршетокот помеѓу 15:30 и 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.  Во Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги, Министерството за внатрешни работи: подрачните отсеци во Секторот за управно – надзорни работи во Одделот за граѓански работи, како и во Министерството за одбрана – за одделенија за одбрана за регион со градовите и општините во состав работно време ќе се одвива двосменски, од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот, со време на работа од 08:00 до 16:00 часот. – образложи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Оваа одлука следи по серија консултации со јавноста, меѓу кои и граѓанските организации и синдикатите, а е во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација, како и за подобрување на процесот на испорачување услуги кон граѓаните и бизнис заедницата, додаде Манчевски.

Одлуката ќе почне да се применува од 1 септември 2017 година.

OhridNews