Граѓаните на Република Македонија, преку нивните претставници во Собранието, вечерва, со прифаќањето на уставните измени, напишаа ново, историско поглавје на нашата државност, се вели во честитката што Владата вечерва ја испрати до граѓаните и сите пратеници за, како што се наведува, преземената одговорност со којашто на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.
Тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата.
Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија.
При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме – остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија.
Влада на РМ
Честитки за одлуката на парламентот упатија првиот човек на НАТО Столтенберг, високи ЕУ претставници и влијателни земји како САД, Германија и други.
Му честитам на Премиерот Зоран Заев за финалното гласање на Договорот од Преспа во Парламентот. НАТО силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот кој дава важен придонес за стабилен и просперитетен регион. – се вели во пораката на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
ОhridNews