Нe постои желба кај црковните великодостојници на Српската православна црква за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вели владиката Дебарско – кичевски Тимотеј и гласноговорник на Светиот синод на МПЦ – ОА. Тој изјави дека во моментов не се водат официјални разговори и нема поместување во односите помеѓу МПЦ – ОА и СПЦ.

-Остваруваме релации со Руската, Бугарската, Албанската, Романската Православвна црква. Се разбира на индивидуални, лични основи, се сретнуваме со српски архиереи, за жал од кај нив засега нема сериозни показатели дека имаат желба за започнување на разговори или уште помалку намера да го решаваат црковното прашање, иако се свесни дека тоа е неминовност. – рече владиката Тимотеј.


Митрополит Дебарско – кичевски г. Тимотеј

Со свеченост што се одржа синоќа во катедралната црква Св. Софија во Охрид МПЦ – ОА одбележа 50 години од возобновувањето на автекефалноста. Осврнувајќи се на јубилејот, митрополитот Дебарско – кичевски г. Тиметој, истакна дека живееме во едно турболенттно време во кое се соочуваме со најразлични предизвици во секојдневниот живот.

-Ние живеејќи со тој народ кој ја дели таа судбина природно е дека како црква сочувствуваме со него. Но, животот тече напред и ние мораме да се бориме да ги надминеме сите тие проблеми кои што не среќаваат во секојдневниот живот, а истовремено да правиме чекори нашата реалност – Македонската православна црква да биде претставена пред останатите православни цркви пред се, а се разбира и пред останатиот свет, дека сме една реалност и не сме измислена ниту нација ниту црква, туку суштествуваме половина век и од ден на ден бележиме успеси. Се разбира дека некогаш има и падови како секоја институција, така и во црквата која е жив организам составена од живи луѓе, но се трудиме колку што можеме од ден на ден се повеќе да се афирмираме и докажуваме не пред народот, туку да се претставиме пред господа како вистински службеници и следбеници на неговото слово, а тоа е многу поважно од било какви афирмации пред овоземни луѓе. – истакна митрополитот Тимотеј.

Г. Момироски