Владиката Пимен, кој ја раководи Европската епархија на МПЦ-ОА преку својот фејсбук профил ги осудува вчерашните насилни протести пред општината Центар, со што ја враќа вербата во Црквата, пренесува телевизија „Телма“. Тој вели дека се нашол пред Црвката во изградба и дека бил сведок на колоната луѓе кои заминале на протести. Се посомневал дека навистина станува збор за вистински верници. Пимен напиша:
„Отидов до Центар да видам како напредува градбата со уште двајца колеги. Од некаде се зададе една гооолема група на луѓе подржувачи на градбата. Од верски побуди верував, координирани од своето парохиско свештенство мислев… Ама кога минуваа покрај нас, добив впечаток дека минуваат покрај „турски гробишта“. Не знам дали не нè видоа или не знаеја како изгледа православен владика. Белким од побожност се заслепени, не знам. Ама и јас шо мајка барав таму, сега не знам. Дај бе некој од тоа архибригадата нека ме покани на кафе и да ми објасни што се случува на ова протести и контра протести, јас плаќам кафето“.
Подоцна, кога разбрал дека демонстрантите кршат и демолираат во општина Центар, владиката Пимен објави своја нова реакција:
„Вака ли го сведочиме мирот Христов, верен народе? Рушиме општина во обид да спречиме „рушење“ на црквата. Дајте да ги наполниме црквите наместо опшинските дворови. Само така се чува и брани црквата и верата, мој верен народе! Бог од нас бара милост, а не жртва! Сепак, фала Ти Господи за сè.
Инаку, вчера, владиката Агатангел беше истакната фигура во протестите и тој, не само што и со изјава им даде поддршка, туку и упати директна закана до градоначалникот Жерновски дека „лошо ќе си помине“.
Протестите се одржаа поради наводна изјава на Жерновски дека црквата во изградба „Свети Константин и Елена“ ќе се урива откако ќе се промени ДУП. Но, Жерновски и вчера потврди дека таква изјава никогаш не дал и дека ниту со измените на ДУП-от, нема да се одлучи да се урива веќе започнатата црква, ниту пак друг објект. Тој оцени дека демонстрантите се изманипулирани.