Охридскиот музички бисер, светски познатиот џез и фанк изведувач Владимир Четкар и неговиот извонреден бенд составен од врвни музички уметници, на 29 јули, сабота, ќе го одржи концертот „Вино и Џез“ во прекрасниот амбиент на „Monastery Winery“ во Oпеница. Тоа беше и поводот да поразговараме со Владимир покрај за прекрасниот настан кој ни претстои, но и за музичката понуда во градот, што треба да се менува, колку младите ја препознаваат добрата музика и конкретно неговата музика, но и за сите идни планови, подготовката на новиот албум и секако родниот Охрид.

ON: На 29-ти ќе се одржи концертот „Вино и Џез“ во „Monastery Winery“ во Oпеница. Што се ќе имаат можност да слушнат гостите?

Владимир Четкар: Се трудиме да одржиме една традиција и едно константно ниво на овие настани „Вино и Џез“ кои пред осум години се родија како идеjа помеѓу мене и братучед ми Филип и секоја година ги одржуваме на различни локации со различни винарии. Оваа година ќе е истиот концепт, една симбиоза на домашни вина кои ги произведува „Monastery Winery“ во Опеница и мојата авторска музика која ќе биде изведена со мои аранжмани. Ќе бидам придружуван од шест музичари, Џоле Максимовски на бас гитара, Дино Милосављевиќ на тапани, Сенад Усеин на труба, Борислав Веселинов-тенор саксофон, Филип Стевановски на тромбон и Филип Димишкоски на клавијатура. Ќе има еден раскошен богат звук во интимна атмосфера на „Monastery Winery“ со прекрасната природа, оддалечена од гужвите во Охрид што дополнително ќе долови еден уникатен момент, едно доживување и едно патување за секој посетител што многу ни значи.

ON: Со оглед дека станува збор за осмо издание на овој уникатен музички настан во Охрид какво е искуството од годините наназад? Каков е интересот кај публиката да присуствува на концертите?

Владимир Четкар: Секоја година константно се зголемува, за што сум многу благодарен. Оваа година можам да кажам дека е и најголем. Нудиме еден уникатен момент кој не е поврзан со некој фестивал, не е концерт само на заработка, туку е борба да се подигне нивото во овој кризен систем на вредности. Ќе понудиме еден светски звук со мојата авторска музика, која е константно промовира насекаде во светот, а е продукт на македонски музичар. Интересот е огромен и специјално го чекаат овој настан кој се случува еднаш годишно и по природа е специфичен и не може секого да заинтригира, мора да се има афинитет кон музичките уметности и секако убави вина.

ON: Концертот се одржува во период кога Охрид има многу настани поврзани со музичката понуда во градот. Сметаш ли дека Охрид треба да понуди нешто друго поинакво со оглед дека претендира да е светска дестинација?

Владимир Четкар: Мора да изградиме стандард. Охрид нема изградено стандард во туристичката понуда каде не се само ѕвездичките на хотелите. Стандардот е и еден културен пулс кој ние не го негуваме доволно. Зборувам за сите хотели, ресторани во градот кои практикуваат жива музика, сите охридски тајфи кои свират музика, треба да сфатат дека првенствено треба да нудиме македонска фолклорна или староградска изворна музика со која Охрид ќе го одбележиме во регионот со овој автентичен звук. Имаме гости од секаде, но тоа не значи дека треба комплетно да се свират нивни песни. Во ред е чест да се направи со една, две песни и поголем дел од програмата, 90%, да е македонска музика. Да се внимава и на гласноста, да е пријатна. Ако тоа успееме да го направиме Охрид ќе направи голем исчекор во туризмот. Секој што ќе дојде ќе го бара тој староградски автентичен звук. Ќе имаме и класична музика со „Охридско лето“, театар, џез… Сите страни треба да се задоволат за комплетна понуда. Точно е дека кога се руши системот на вредности по линија на помал отпор по интерес на брза заработка, кога го гледам само тој брутален капитализам, нема да направиме ние модел кој ќе биде траен. Туку модел сезонски. Мораме да си го негуваме нашето, квалитетното кое ги шармира гостите кои имаат вкус. Поената е да се изгради некакво ниво, да се крене нивото на вкусовите. Охрид треба да понуди квалитет, а не квантитет.

ON: Какво е твоето мислење во поглед на концентрацијата на музички настани во еден помал период?

Владимир Четкар: За жал, така е отсекогаш. Ако мислиме само за сопствениот интерес и сопствениот џеб, никогаш нема ништо да изградиме. Ако мислиме малку покосмополитски дека ние сме дел од оваа заедница и ако направиме некои чекори кои ќе бидат за доброто на цел град, тоа ќе биде еден уникатен момент.

ON: Со оглед на изгубените вредности,  за жал, колку мислите дека младите разбираат што е тоа добра музика, ја препознаваат ли, со оглед на се тоа што ни се наметнува од надвор?

Владимир Четкар: Многу млади генерации не знаат ни една македонска песна или знаат нешто површно, а во суштина ја разбираат таа „кич галаксија“. И тоа е поразително за нас, на едно место каде имаме толку многу богатство да го отфрлиме и да прифатиме нешто што е ниту народно ниту забавно. Културата е градина која се одржува и ако не се чува таа градина ќе се обрасни со плевел, со трње. Тоа ни се случува сега. Не дека нема исклучоци, има младина која стварно ги препознава вистинските вредности во градов и се труди истите да ги промовира. Мора да мислиме да изградиме една заедничка платформа која ќе ја туркаме од сите можни нишани и апсекти. Тука спаѓа и да се селектира звукот кој се пушта.

ON: Колку сметаш дека луѓето кај ја препознаваат твојата музика тука во нашата држава споредбено со надвор?

Владимир Четкар: Многу луѓе во Македонија ја поддржуваат мојата музика. Луѓе кои се повеќе навлечени на музика и звук. Јас одбрав да работам музика која спаѓа повеќе и во уметноста, не само за забава. Се фокусирав на највисок квалитет и ги поврзувам моите обожаватели од сите страни на светот. Има доста публика за оваа музика што се гледа и од настаните „Вино и Џез“. И може да има уште повеќе доколку преку медиумите се презентира оваа музика. Мојот успех е што мојата музика се слуша секаде во светот. Сум се фокусирал на нештото, сум го изградил моето име и сеуште го градам се повеќе и повеќе активно. Македонската публика секогаш ме поддржувала и тука и надвор. Но, треба да се потрудиме сите кои работат квалитетно повеќе да се форсираат и промовираат, но и самите да се трудат за себепромоција. Свирам низ целиот свет пред публика кај што нема ниеден балканец и активно ме бараат на пример на најголемите фестивали во Азија каде немаме никакво лоби. Малку зависи и од нас, од нашата способност сам да се пробиеш надвор, да веруваш во својата уметност, да ја сакаш. Успехот на другиот треба да ни биде инспирација.

ON: Како течат подготовките за новиот студиски албум, почнати се снимањата? Тука и е новото ремикс издание на песната „I remember“ која е комплетно твое авторско дело од вториот студиски албум „Heavenly“?

Владимир Четкар: Ова ми е најамбициозен проект. Четвртиот студиски албум покрај другите соработки кои ги правам паралелно. Оваа 2023 година ќе е една од најплодните во мојата кариера. Пред некој месец го снимав поголемиот дел од албумот во студиото во Чикаго, со комплетни гудачки и дувачки аранжмани, оркестрации, комплено авторска музика каде соработувам со едни од најпознатите џез музичари на сцената на Америка. Есенва и зимава ќе го довршам, а паралелно ќе издадам и некоја песна. Првата песна ќе биде издадена наскоро „Нов ден“. Продукциската куќа „Only Good Vibes Music“ од Шкотска ми ги побара правата за ремикс на мојата музика, што е многу возбудливо бидејќи тие се едни од најголемите хитмејкери и истите направија прекрасен ремикс на „I remember“ кој неодамна се издаде. Наскоро ќе се издадат и ремиксите на „All for you“ и „Time goes by“. Ме радува што албумите кои ги работев во далечната 2007 година сега се актуелни со ремикси. Никогаш во мојата работа не сум бил заинтересиран за тренд, кој е минлива работа. Сум бил заинтересиран за стил и квалитет кој е вечен. Токму и тоа се случува. Ако работиме на долги стази и се трудиме да го задржиме квалитетот бескомпромисно ќе дојдат како што би рекле „твоите пет минути“ и многу пати по пет минути. Мораме да сме истрајни и да сфатиме дека на турбуленцијата не мора секогаш да се адаптираме, туку можеме да го држиме нивото на квалитет и тоа повторно ќе се врати. Ќе имам нови ремикси, нов албум, нови песни, нови музички видеа и големи светски турнеи кои ќе бидат оваа есен во Азија, Америка и Европа. Албумот се планира да биде готов до крајот на годинава или јануари 2024 година, но во меѓувреме ќе се промовираат две-три песни. Неодамна имав турнеја во Њујорк, Детроит, Кливленд, истовремено го снимав албумот, беше стресно, но презадоволен сум. Веќе има огромен интерес за материјалите кои ги понудив во повеќе музички куќи. Кога ќе изградиш одредено ниво и мораш да го одржуваш, другите работи се полесни.

ON: Патуваш многу, насекаде низ светот. Охрид е твојот роден град. Дали Охрид за тебе е најубавото место на светот?

Владимир Четкар: За мене Охрид сум кажал повеќе пати е незаменлив со ниедно место во светот. Јас ги сакам сите убавини на светов, но ова поднебје кое ме поврзува со Охрид, покрај природата, историјата и археологијата ми создаваат заедно најсилно чувство на припаѓање. Таа гравитација е најсилна во Охрид и сум поврзан дијалектички со градот. За мојата работа физички иако не зависам од Охрид, зависам психички, емоционално. Мораме да уживаме во животот, незнаеме уште колку изгрејсонца ќе видиме. Мораме да го почитуваме семејството и да живееме со позитивна енергија, да се трудиме секојдневието да ни е што поубаво. Да ги гледаме изгрејсонцата во Охрид и таа езерска шир, да се потсеќаме на детството, да ги чуваме живи спомените. Никогаш нема да можам да го заменам Охрид со ниедно друго место и затоа сум тука поголемиот дел од годината.

Цена на карта за екслузивниот концерт на Владимир Четкар „Вино и Џез“ е 1000 денари. Вратите се отвараат во 18:00, а концерот почнува во 20:00. Посетителите ги очекува гратис чаша вино по избор. Винаријата „Monastery Winery“ се наоѓа во село Опеница, на 10 километри од Охрид.

Н.С.Ј.