Владимир Четкар секстет и ова лето на охриѓани и гостите ќе им приреди музичко уживање на зајдисонце. Настанот ќе се одржи на 20 јули во 19 часот на плажатата „Бонанца“ во населбата Св. Стефан во Охрид. Четкар ќе настапи во секстет постава која ја сочинуваат Трајко Велков на труба, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Филип Стевановски на тромбон, Ѓоле Максимовски на бас и Виктор Филиповски на тапани.

Владимир, освен што се подготвува за концертот, деновиве ужива во летниот амбиент и крајбрежје на родниот град. Во разговор за OhridNews, тој зборува за своите идни планови и настапи, за музичката понуда во градот.

ON: И ова лето концерт на плажа на зајдисонце, овојпат на 20 јули на плажата „Бонанца“ во Св. Стефан. Дали може да се каже дека ваквите концерти ќе преминат во традиција?

Владимир Четкар: Се надевам дека ќе станат традиција бидејќи тука се спојуваат два извонредни моменти, уметноста на природата и уметноста на човекот и сите сетила ги изложуваме на убавина.

ON: Што се ќе имаат можност да чујат гостите на утрешниот концерт?

Владимир Четкар: Моите авторски композиции и аранжмани кој ќе ги изведувам со секстет во кој ќе се појават некои од најискусните македонски музичари како Ѓоле Максимовски, Филип Стевановски, Виктор Филиповски, Борислав Веселинов и Трајко Велков.

ON: На што друго Владимир работи ова лето? Кои се плановите за наредниот период?

Владимир Четкар: Се вратив пред десеттина дена од Њујорк каде интензивно го снимав третиот студиски албум, моментално работам на постпродукцијата на материјалот кој официјално ќе го промовирам есенва оваа година.

ON: Во текот на сезоната во Охрид ќе се одржат бројни концерти, ДЏ-и, познати музички ѕвезди од екс југословенските простори, поп, фолк. Какво е твоето мислење околу музичката понуда на Охрид за оваа сезона?

Владимир Четкар: Никогаш не сум бил фан на таа какофонја и интензивни гужви кои ни се случуваат секое лето во Охрид последниве години. За жал сите се водат првенствено од личните интереси при тоа жртвувајќи ја девствената убавина на Охрид и регионот. Тука мора да се воведе ред и да се направи филтер со кој нема да дозволуваме во еден град на Унеско кој е светско наследство, истовремено агресивно да ечи од една страна турбофолк, од друга електронска музика и т.н. За ова мораме да земеме пример од други градови кои исто така се светско наследство и туристички центри и кој соодветно го решиле балансот на забава и мир кој е потребен како за туристите така и за локалното население.

ON: Дали твојот роден град е годинешната твоја дестинација за одмор?

Владимир Четкар: Мојот роден град Охрид ќе ми биде доживотна дестинација за одмор и за креативна работа.

ON: Како го поминуваш слободното време ова лето во Охрид?

Владимир Четкар: Помеѓу работата околу мојот трет студиски албум и другите професионални ангажмани, времето кое ми останува ќе гледам да го поминам со најблиските, уживајќи во езерото, возењето на велосипед и во нашата убава кујна.

ON: Дали концертот на плажата „Бонанца“ во Св.Стефан ќе е единствениот твој настап во наредните месеци во Охрид или подготвуваш уште некое пријатно изненадување за твоите фанови?

Владимир Четкар: Летово освен концертот на 20 Јули на плажата Бонанца на 18 Август ќе го одржам традиционалниот четврти по ред концерт ‘Вино и Џез’ во Хотел Филип за кој изминативе години имаше исклучителен интерес.

Картите за концертот на Владимир Четкар секстет на плажата „Бонанца“ во Св. Стефан, ќе се продаваат по симболична цена од 200 МКД во Охрид на плажата „Бонанца“ и ресторанот „Белведере“ во центар, како и во Скопје во „Чув Де Чув“.

Т.К.