Охриѓанецот Владимир Четкар утре на 20-ти јуни 2014 година, ќе настапи на престижниот „Blue note Jazz festival“ во Њујорк. Фестивалот се одржува на повеќе локации низ Менхетен и ќе трае до крајот на месец јуни.

Во рамки на годинешната фестивалска програма носечкото име е еден од најпознатите женски вокали на сите времиња, Арета Френклин, а ќе настапат и други светски џез, соул и поп ѕвезди како Боби Мекферин, Мајкл Болтон, Хозе Џејмс, Данило Перез, Џо Ловано, Мишел Камило, Џон Патитучи и многу други.


Владимир Четкар на фестивалот ќе се претстави со Септет на сцената во клубот „Blue note Jazz“ и тоа веднаш после концертот на триото на џез великаните Данило Перез, Џон Патитучи и Брајан Блејд.

На Четкар ова ќе му биде втор настап на овај фестивал и вкупно 6-ти настап во „Blue note Jazz “. На настапот, Четкар ќе биде придружуван од Арон Хенри на тенор саксофон и флејта, Коди Роулендс на труба и флугелхорн, Кори Волис на тромбон, Милан Милановиќ на пијано, Мото Фукушима на бас и Џефри Фахардо на тапани.

OhridNews