Владимир Четкар го објави спотот за неговата авторска композиција „Охрид“ инспирирана од убавината, духот и безвременската магија на неговиот роден град.
Композицијата „Охрид“ е целосно авторско дело на Четкар, кој се потпишува како композитор, аранжер, текстописец, музички продуцент и изведувач (вокал и гитара). Снимањето и музичката продукција се реализирани во Чикаго и Њујорк, додека постпродукцијата е изработена во Лондон.
Музичкиот спот е реализиран со поддршка на Општина Охрид и компанијата КОСТАЛ. За монтажата беше задолжен Милан Блажевски, додека снимањето е дело на продукцијата „Дигитал Бокс“.
Паралелно со премиерата на новиот спот, Владимир Четкар продолжува со своите меѓународни концертни активности, со низа настапи во Европа и Соединетите Американски Држави.
Веќе овој петок, 16 октомври, Четкар ќе настапи во Белград, во клубот Bluz i Pivo, додека следниот петок, 23 октомври, ќе одржи концерт во познатиот виенски клуб Reigen Live.

– 14 ноември – Детроит, Aretha’s Jazz Cafe
– 20 ноември – Њујорк, Chelsea Table + Stage
– 28 ноември – Кливленд, The Bop Stop
Концертите на Владимир Четкар во Белград и Виена се реализираат со поддршка на Министерство за култура и туризам.
Со новиот музички спот посветен на Охрид и претстојните меѓународни настапи, Четкар продолжува да ја претставува македонската авторска музика пред светската публика, поврзувајќи ги своите корени со современиот звук на џезот, соулот и фанкот.
OhridNews











