Владина делегација предводена од министерот за транспорт Александар Николоски, министерката за образование Весна Јаневска и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани положија свежо цвеќе пред монументалниот споменик на Светите Кирил и Методиј по повод 24 Мај – Денот на Сесловенски просветители Кирил и Методиј.
Честит да е празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методија на сите граѓани во Македонија. Денеска ја славиме нивната непроценлива работа која претставува темел на нашето културно и духовно богаство. Вечноста на нивното просветителско дело е придонесот за нашиот идентитет и јазик, затоа ја славиме нивната учителска мисија која е наша македонска светост, истакна Николоски.
Цвеќе положија и охридските пратеници во Собранието, Сашо Донев, Лисија Петкоска и Грација Бакраческа.
Во рамки на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители и претседателот на СДСМ Венко Филипче заедно со пратениците од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска и Митко Трајчулески оддадоа почит и положија цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Охрид.
Македонскиот народ е горд што токму на овие простори, во Охрид, браќата Кирил и Методиј ја создавале првата азбука, глаголицата, а со тоа и писменоста. Нивната мисија има непроценлива улога не само во промовирањето на стремежот за еднаквост на народите и рамноправност на јазиците, туку и во создавањето на македонската писменост. Тие се темелот на македонскиот идентитет, јазик и култура. Сегашните и сите идни генерации имаат обврска да го почитуваат и негуваат наследството кое ни го оставија светите браќа Кирил и Методиј, вели Филипче.
Свежо цвеќе пред спомен обележјето на светителите положи и делегација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје предводена од ректорката проф. д-р Биљана Ангелова.
Фото галерија:
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска